Bedrudin Brlyavac
06 Јануари 2017•Ажурирај: 06 Јануари 2017
ИЗМИР (AA) - По вчерашниот терористички напад, премиерот на Турција, Бинали Јилдирим допатува на аеродромот „Аднан Мендерес“ и во изјава за медиумите истакна дека борбата против тероризмот е долгорочна, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа борба е долгорочна, но конечниот победник на крајот ќе биде државата Турција и нејзиниот народ. Никој во тоа ниту најмалку нека не се сомнева. Нашите граѓани нека не го менуваат досегашниот начин на живот, бидејќи доколку тоа го сторат, би им удоволиле на терористичките организации“, рече Јилдирим.
Тој истакна дека нема да успеат оние што се обидуваат да го поделат народот во Турција.
„Нашиот народ мора да знае дека никогаш нема да успеат оние, каде и да се, кои сакаат да ја поделат оваа земја и да го загрозат единството меѓу луѓето на земјата. Во тоа ќе ги спречи заедништвото и солидарноста на овој народ“, рече Јилдирим.
Премиерот Јилдирим нагласи дека терористите и нивните помагачи не почитуваат и не признаваат никакви свети вредности.
„Еден напад изведува ДЕАШ, следниот ПКК, потоа ФЕТО и така го покажуваат своето вистинско лице. Ова сигурно е почеток на нивниот крај. Народот тоа треба да го знае. Тие и понатаму ќе се обидуваат да изведуваат напади, но нашите безбедносни сили нема да им го дозволат тоа и ќе ги следат во чекор“, рече Јилдирим.
Вчера, во 16 часот по локално време се случи терористички напад во близина на зградата на судот во Измир, град во западна Турција. Во експлозија на бомба-автомобил загинаа две, а ранети се пет лица. Полицијата неутрализираше двајца терористи.