Aynur Ekiz
31 Март 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
КАРС (АА) – Денес, премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, во источниот турски град Карс порача дека заканите од одредени земји коишто се упатени на сметка на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, всушност претставуваат закани за државата Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилидрим се обрати пред насобраните граѓани на Плоштадот на републиката, во источниот турски град Карс, а во таа пригода се осврна на актуелните случувања, како и на дипломатската криза на неговата земја со одредени европски земји.
„Зошто Европа упорно вели не за претстојниот рефрендум. Затоа што се љубоморни и затоа што не сакаат поразвиена Турција. Она што тие го сакаат е Турција да се задуши во своите проблеми и да ја изгуби силата“, изјави Јилдирим, и додаде:
„Западот сфати дека Турција ги затвори изворите од кои течеа пари во нивните џепови. Откако парите почнаа да остануваат во земјата, започнаа со различни интриги, закани и удари. Турција на тоа никогаш не ја наведна главата“.
Тој потсети дека медиумите во Европа пишуваат оти „Ердоган е диктатор“, што според него, го прават затоа што претседателот Ердоган не дозволува да се крадат ресурсите на оваа земја.
Според зборовите на Јилдирим, сите земји што му закануваат на претседателот Реџеп Таип Ердоган, всушност ѝ се закануваат на Турција.
„Во нашата земја се гради најголемиот аеродром на светот и со тоа се остварува профит за нашата земја од глобалниот пазар. Поради тоа е важен 16 април. 'Да' на референдумот значи 'да' за посилна Турција, побрз развој, напредна демократија, братство, заедништво, а воедно значи и крај на тероризмот“, рече Јилдирим.
Тој изјави дека Европа, припадниците на ФЕТО, како и припадниците на терористичката организација ПКК имаат заеднички став кога станува збор за референдумот во Турција, а тоа е 'не'.