Feride Pelin İnal
11 Септември 2021•Ажурирај: 12 Септември 2021
ГАЗИАНТЕП
Високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за бегалци Филипо Гранди изјави дека Република Турција веќе со години е земја која згрижува најголем број бегалци во светот, известува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на повеќедневната посета на Турција, шефот на УНХЦР Гранди ги посети Анкара и Шанлиурфа и одржа прес-конференција во Газинатеп, на која посочи дека Турција згрижува околу 4 милиони бегалци, од кои 3,7 милиони се бегалци од Сирија, земја во која владее граѓанска војна.
Потсетувајќи дека во текот на посетата разговарал со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и турските министри за внатрешни и надворешни работи, Гранди изјави дека во Шанлиурфа и Газиантеп се состанал и со претставници на локалната власт, претставници на турската Црвена полумесечина и бегалците.
Гранди исклучително позитивно ја оцени политиката на Турција кон бегалците и истакна дека притоа на бегалците им е обезбеден пристап во образованието, здравството и социјалната заштита.
„Се разбира, оваа посета беше можност за мене. Тоа е можност повторно да ја повикам меѓународната заедница, сите држави и меѓународните организации во поголема мерка и навремено да ја доставуваат помошта, за да може Турција да ја продолжи таа дарежлива политика кон бегалците. За жал, сите можеме да забележиме дека ситуацијата во Сирија не е решена во изминативе години. Она што го нарекуваме политичко решение е идеално решение за сите бегалци, кое ќе им овозможи да се вратата во своите домови“, истакна Гранди.
Зборувајќи дека сите се надеваат дека напорите за воспоставување мир во Сирија ќе продолжат, Гранди рече дека УНХЦР ги продолжува хуманитарните активности, со надеж дека бегалците наскоро ќе можат да се вратат во своите огништа.
Коментирајќи ја и кризата во Авганистан, комесарот Гранди изјави дека и таму, најголемиот проблем е раселувањето на луѓето и додаде дека во Авганистан се раселени најмалку 3,5 милиони луѓе.
„Судирите во Авганистан завршија, а наша приоритетна цел, на хуманитарните организации, е да се фокусираме на хуманитерните потреби на луѓето во таа земја. Наскоро настапува зимата, а некои авганистански региони се екстремно студени. Луѓето имаат потреби и тие ќе бидат се поголеми и поголеми. Свесни сме за тоа. Ќе продолжиме да преговараме со талибанците на луѓето да им биде испорачана помош“, истакна Гранди.
Истакнувајќи дека не е забележан масовен бран на авганистански мигранти кон границите на соседните земји, Гранди нагласи дека е потребно помошта навремено да биде испорачана во Авганистан, бидејќи влошувањето на ситуацијата сигурно би предизвикало бран на бегалци кон гранците.
Зборувајќи дека ќе има и луѓе од Авганистан кои ќе побараат засолниште во другите земји, Гранди додаде дека меѓународната заедница треба особено да им помогне на земјите кои се наоѓаат во авганистанското соседство.
Комесарот Гранди најави дека Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во понеделник ќе упати апел за собирање помош за Авганистан.