Турција

Шефот на дипломатијата на Нов Зеланд, Петерс: Терористот ќе го мине остатокот од животот зад решетки

- „Ние сме земја која придава голема важност на верската толеранција. Нападот врз лице кое ја исполнува својата верска обврска го третираме како напад на сите нас“, рече Петерс

Murat Paksoy, Kaan Bozdoğan  | 22.03.2019 - Обновена : 23.03.2019
Шефот на дипломатијата на Нов Зеланд, Петерс: Терористот ќе го мине остатокот од животот зад решетки

ИСТАНБУЛ

Заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Петерс, кој престојува во Истанбул, изјави дека терористот кој минатиот петок изврши терористички напад на две џамии во Нов Зеланд, остатокот од својот живот ќе го мине зад решетки, јавува Anadolu Agency (AA).

Петерс денес во Истанбул зборуваше на состанокот на министрите на надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC), кој се одржува по повод терористичкиот напад на Нов Зеланд, а своето обраќање го започна со зборовите: „Селам алејкум“ („Божји мир да е со вас“).

Петерс изјави дека денес главна цел е најостро да се осуди терористичкиот напад врз двете џамии во неговата земја.

„Живееме во многу тешки времиња, а денес сме тука со цел заеднички да го осудиме овој терористички напад на Нов Зеланд. Пред 7 дена, една кукавица која не е од Нов Зеланд, се обиде сите да нè тероризира и се обиде да ја уништи нашата земја. Луѓето кои во петокот дојдоа во џамија за да ја извршат својата молитва, беа жртва на еден кукавички напад. Убиени се 50 лица, а голем број ранети сѐ уште се во болници“, рече Петерс.

Тој потсети дека новозеландската полиција итно интервенирала.

„Терористот е уапсен во рок од 21 минута. Од тој момент, споменатото лице е предмет на новозеландскиот закон и остатокот од животот ќе го помине зад решетки“, порача Петерс.

Тој нагласи дека муслиманите биле директна жртва на терористичкиот напад на Нов Зеланд, додавајќи дека убиените се луѓе кои дошле во џамиите да се помолат.

„Ние сме земја која придава голема важност на верската толеранција. Нападот врз лице кое ја исполнува својата верска обврска го третираме како напад на сите нас“, рече Петерс и додаде:

„Во бројни делови на нашата земја положено е цвеќе за жртвите на нападот. Околу џамиите се собраа граѓаните и чуваа стража. Во само неколку дена, жителите на Нов Зеланд собраа околу 10 милиони долари за поддршка на семејствата на жртвите“.

Нагласи дека неговата земја има за цел муслиманската заедница на Нов Зеланд да се чувствува безбедно, и додаде дека тоа е тема на која ѝ се придава големо значење.

„Екстремните мислења немаат вера, раса, ниту боја. Екстремизмот, каде и да е и на кој било начин да се појави, тој мора да се осуди. Започнавме една сеопфатна истрага и наша цел е во иднина да не се повторат вакви напади. Цел на терористите е да предизвикаат страв кај луѓето. На Нов Зеланд тоа не им успеа бидејќи ние не го делиме мислењето на терористите, ниту нивните методи“, порача Петерс.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın