Fatjon Prronı
27 Јуни 2016•Ажурирај: 27 Јуни 2016
АНТАЛИЈА (АА) - Турција ќе ги нормализира односите со Израел доколку Тел Авив даде компензација на семејствата на турските жртви убиени во нападот во 2010 година изведен врз флотилата, и доколку го укине ембаргото врз Појасот Газа, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
На ифтар во Анталија, во организација на Женската демократска асоцијација, турскиот министер рече дека Турција и Израел ќе ги продолжат преговорите за нормализација на билатералните односи.
Дипломатските односи помеѓу Турција и Израел се прекинати по израелскиот напад на хуманитарниот брод Мави Мармара во близина на Појасот Газа.
Група бродови на 31-ви мај 2010 година се обидоа да стигнат до појасот Газа, но припадниците на израелската армија ги нападнаа во меѓународни води и им го препречија нивниот пат. Девет лица загинаа, а дваесет беа повредени.
Чавушоглу нагласи дека Анкара нема да направи „никакви отстапки” кон Тел Авив.
„Еден од условите е компензација на семејствата на двајцата браќа кои ги изгубија своите животи (Мави Мармара). Другиот е укинување на ембаргото на нашите палестински браќа кои се прогонети со години, кои живеат под ембарго и на кои инфраструктурата им е уништена како резултат на нападите. Ќе ги нормализираме односите кога ќе се исполнат овие услови”, нагласи Чавушоглу.
Тој додаде дека нормализирањето на односите со Израел нема да значи дека „Турција ќе молчи додека на палестинските браќа им се чини неправда”. Според него, Турција ќе продолжи да дава хуманитарна помош на Палестинците.