Sibel Uğurlu
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, порача дека Турција силно го поддржува извештајот на Обединетите нации (ОН), кој бара истрага за одговорните за убиството на саудискиот новинар, Џамал Кашоги, што се случи минатата година во саудискиот Конзулат во Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Силно ги поддржуваме препораките на известувачот на ОН, Агнес Каламард, за разјаснување на убиството на Кашоги и за одговорност на одговорните за тоа“, напиша Мевлут Чавушоглу на Твитер.
Во извештајот на ОН претставен денес се вели дека убиството на Кашоги претставува вонсудска егзекуција за која е одговорна Саудиска Арабија.
Агнес Каламард, специјален известувач на ОН за вонсудски, арбитрарни егзекуции, во извештајот наведува дека се пронајдени веродостојни докази за спроведување понатамошна истрага на саудиски претставници за убиството на Кашоги, вклучувајќи го и саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман.
Повикувајќи го Кралството да се извини на Турција за „злоупотреба на дипломатските привилегии и кршење на забраната за вонтериторијална употреба на сила“, извештајот понатаму повикува на понатамошна истрага од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и од американското ФБИ.
Кашоги беше убиен, а телото исечено на парчиња од група саудиски оперативци кратко по неговото влегување во саудискиот Конзулат во Истанбул, Турција, на 2 октомври минатата година.
Ријад даде различни, контрадикторни објаснувања за неговото исчезнување, пред да признае дека тој бил убиен во дипломатското претставништво, ставајќи ја вината врз неуспешната операција за испрашување изведена од агентите.