Beyza Binnur Dönmez
22 Април 2022•Ажурирај: 23 Април 2022
АНКАРА (АА) - Турција и Индонезија уживаат блиска и силна соработка, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во своето обраќање на свеченото отворање на новата зграда на Амбасадата на Индонезија рече дека и покрај големата дистанца меѓу нив, пријателството меѓу двата народи датира од 15 век.
Разговарајќи заедно со неговата индонезиска колешка Ретно Марсуди во посетата на земјата, Чавушоглу нагласи дека билатералните односи неодамна биле надградени на „стратешко партнерство“ и дека од меѓусебното отворање амбасади во доцните 1950-ти, врските меѓу земјите постојано се подобруваат.
Опишувајќи ги неговите официјални разговори со Марсуди како „многу корисни“, тој рече: „Покрај глобалните прашања, ние сме во тесна соработка и координација и за регионалните прашања. Како земји од Г-20, економската соработка е во првите редови на нашата агенда.“
„Дипломатските разговори на високо ниво се фокусирани на подобрување на нашите односи и соработка на многу полиња, не ограничувајќи се на соработката во одбранбената индустрија“, додаде тој.
- Посета на Џакарта -
Чавушоглу рече и дека се подготвуваат за официјална посета на Индонезија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„[За време на посетата] Ќе потпишеме речиси 20 документи и договори и ќе преговараме и за нив“, рече тој.
За билатералната трговија, министерот рече дека таа неодамна достигнала годишна вкупна вредност од 2,16 милијарди долари, што претставува скок од 57 отсто.
„Поставивме цел да достигнеме 10 милијарди долари во однос на взаемната трговска размена и за да ја постигнеме таа цел, ќе продолжиме да работиме дење и ноќе“, рече тој, додавајќи дека ќе биде потпишан „многу сеопфатен“ трговски договор за зајакнување на трговијата, во најбрзо можно време.
Заблагодарувајќи ѝ се на Индонезија за нејзината поддршка за време на доаѓањето на Турција на чело на групата МИКТА, Чавушоглу рече дека Анкара ќе продолжи да ги поддржува напорите на Индонезија за време на нејзиното претседавање со Г-20.
Основано во 2013 година, МИКТА е неформално партнерство составено од Мексико, Индонезија, Јужна Кореја, Турција и Австралија.
На крајот тој посака добра работа на новата зграда на Амбасадата на Индонезија во Анкара.
Од своја страна, Марсуди рече: „Оваа нова зграда одразува нов дух и нова енергија за дополнително зацврстување на индонезиско-турските односи.“
„Ја славиме 71-годишнината од билатералните односи со силна увереност дека односите ќе станат уште посилни во иднина“, додаде таа.
Марсуди, исто така, рече дека претходно денеска имала можност да разговара за низа билатерални прашања со Чавушоглу.
„Разговаравме и за тоа како Г-20 мора да остане на вистинскиот пат, давајќи им конкретни резултати на луѓето во светот среде оваа многу предизвикувачка ситуација“, рече таа.