Турција

Чавушоглу: „Ситуацијата во Авганистан особено се одразува на соседните туркофонски земји“

Советот за соработка на туркофонските земји (Туркискиот совет) денеска одржува вонредна седница во палатата Долмабахче во Истанбул на ниво на министри за надворешни работи, на тема кризата во Авганистан

Nazlı Yüzbaşıoğlu  | 27.09.2021 - Обновена : 28.09.2021
Чавушоглу: „Ситуацијата во Авганистан особено се одразува на соседните туркофонски земји“

АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушолгу, изјави дека кризата во Авганистан особено се одразува на соседните туркофонски земји и дека министрите за надворешни работи на тие земји со заедничко соопштение ќе му испратат на светот силна порака, јавува Агенција Анадолија (АА).

Советот за соработка на туркофонските земји (Туркискиот совет) денеска одржува вонредна седница во палатата Долмабахче во Истанбул на ниво на министри за надворешни работи, на тема кризата во Авганистан.

Во воведното обраќање, турскиот министер за надворешни работи истакна дека денеска е годишнина од почетокот на 44-дневната војна во која Азербејџан ги ослободи своите окупирани региони и им оддаде почит на сите херои кои ги дадоа животите во одбрана на својот народ и огништето.

Чавушоглу рече дека Туркискиот совет за прв пат ја разгледува ситуацијата во Авганистан, која се одразува на сите случувања на глобално ниво.

„Оваа ситуација особено се чувствува и ќе се почувствува во туркиските земји кои се соседи на Авганистан. Ние сме, исто така, заинтересирани за ситуацијата на милиони луѓе во Авганистан кои се Туркијци. Предложив да го одржиме овој состанок поради важноста што му ја придаваме на Авганистан. Ви благодарам што го прифативте тоа и што одговоривте“, рече Чавушоглу.

Тој, исто така, нагласи дека оваа средба е показател дека Туркискиот совет расте како платформа на меѓународната сцена.

„Денес ќе испратиме важна порака за единството на Турскискиот свет и соработката за меѓународни теми. Како можеме да го поддржиме воспоставувањето на економска стабилност и хуманитарна помош во Авганистан? Како да се поттикне инклузивна влада во таа земја и како да се спречи евентуален нов бран мигранти? Како да се спречи повторното будење на терористичките организации? Ова се темите на состанокот “, истакна Чавушоглу.

На седницата ќе се разговара и за извештајот за подготовка на самитот на лидерите на туркофонските земји.

„Имаме посебен однос со Авганистан. Затоа е важно да испратиме силна порака до светот со заедничко соопштение на крајот од оваа средба“, заклучи Чавушоглу.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.