Muhammet Tarhan,Şerife Çetin
30 Декември 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, одржа состанок за оценување на надворешната политика во 2020 година, на кој нагласи дека како секогаш, и во 2020 година дипломатијата била приоритет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу нагласи дека и покрај пандемијата на Ковид-19, Турција и во 2020 година ја продолжила без прекин својата претприемничка и хуманитарна надворешна политика.
„Како секогаш, и во 2020 година дипломатијата беше наш приоритет. Во случаите кога дипломатијата имаше застој, излеговме на терен и повторно го отворивме патот на дијалогот и дипломатијата. На тој начин, и покрај пандемијата, станавме важен дел на играта што се однесува на прашањата на Сирија, Либија, Источен Медитеран, Кипар и Нагорно Карабах. Постигнавме многу значајни придобивки. Кога беше потребно, ние ја формиравме играта. Кога беше потребно, ние ја уништивме играта која беше формирана против интересите на нашата земја“, рече Чавушоглу.
Турскиот министер истакна дека кога Турција прави чекори за своите легитимни интереси, забележале оти секој не бил задоволен.
- „Нашиот приоритет е да ги заштитиме интересите на Турција и на нашиот народ“ -
„Нашиот приоритет не е да овозможиме некој да биде задоволен. Нашиот приоритет е да ги заштитиме интересите на Турција и на нашиот народ. Источниот Медитеран е еден од нив. Кога не добивме резултати од нашите апели за дијалог во Источен Медитеран, тогаш на терен извршивме активности против едностраните чекори, и со нашите бродови „Оруч Реис“, „Барбарос“ и „Јавуз“ го веевме знамето“, додаде тој.
„Не само на крајбрежните земји на Источен Медитеран, не само на Европската Унија, туку секому му покажавме дека без нас не може да се случи ништо. И пријателите и непријателите видоа што можеме да направиме. Но, навистина нашата желба е Источниот Медитеран да стане мирна и стабилна зона. Сакаме сите да стојат покрај праведното споделување. Затоа, со Европската Унија ги продолжуваме нашите работи за одржување на мултилатералната конференција предложена до ЕУ од страна на нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган]“, истакна Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија рече дека имало подеми и падови во односите помеѓу Турција и ЕУ во 2020 година, и дека годината поминала тензично бидејќи особено Грција, грчката администрација Северен Кипар и потоа Франција, ги довеле билатералните прашања во агендата на ЕУ.
Покрај тоа, рече Чавушоглу, на Самитот на лидерите на ЕУ одржан во декември постигната е позитивна конклузија.
„Доминираа ставовите на другите земји кои ја разбираа важноста на односите со Турција и кои рекоа дека со Турција треба да се воспостави подобар дијалог, наместо тензии. Сигурно дека постојат прашања во конечната декларација со кои не сме задоволни. Тоа и го истакнавме. Ние сме подготвени догодина односите со ЕУ да ги развиваме во попозитивна клима. Очекуваме и ЕУ да биде подготвена“, истакна тој.
Во врска со санкциите кои САД неодамна ги наметнаа кон Турција, шефот на турската дипломатија нагласи дека не е важно дали се тешки или лесни санкциите CAATSA на САД, дека тоа е погрешна одлука од политички аспект и дека тоа е напад врз правата за сувереност на Турција.
Чавушоглу рече дека Соединетите Американски Држави (САД) на Турција ѝ предложиле да се формира заедничка работна група во врска со санкциите CAATSA, додавајќи дека Турција одговорила позитивно на овој предлог бидејќи таа секогаш стои покрај дијалогот.