Sena Güler
30 Декември 2020•Ажурирај: 01 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Вакцината против Ковид-19 што Турција почна да ја добива од Кина значително ќе го олесни повторното отворање на училиштата, изјави денеска турскиот министер за образование.
„Таа [вакцината против Ковид-19] ќе ни го отвори патот за да спроведеме настава со физичко присуство“, изјави министерот Зија Селчук како гостин на Уредничкиот деск на Агенција Анадолија (АА).
Тој рече дека по вакцинацијата на лицата со висок ризик, меѓу кои и старите лица и здравствените работници, наставниците, исто така, ќе можат да се вакцинираат доколку сакаат.
Турција рано утринава ги доби првите 3 милиони дози од вакцината против Ковид-19 порачана од кинеската компанија „СиноВак Биотех“.
Најавувајќи го пристигнувањето на вакцините на Твитер, турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, соопшти дека вакцинацијата ќе започне по 14-дневните тестирања на вакцината.
Во врска со повторното отворање на училиштата за време на пандемијата од страна на одредени земји, Селчук рече дека Турција не го сторила тоа затоа што се земени предвид структурата и социјалните навики во земјата.
„Кога ќе погледнеме наназад, можам да кажам дека сме задоволни од поголемиот дел од работата“, рече тој во врска со мерките преземени против Ковид-19 на полето на образованието.
Селчук истакна дека во едно општество, нормализацијата не може да се постигне без повторно отворање на училиштата. „За да се реализира нормализацијата, прво треба да се погрижиме за училиштата.“
Турција наставата на далечина на 20 ноември ја продолжи до 4 јануари 2021 година, откако делумно ги отвори училиштата на 21 септември.
Наставата на далечина ќе продолжи преку образовните канали на Националниот јавен сервис ТРТ, додека сите наставници преку каналите можат да изведуваат и часови во живо.