Cüneyt Karadağ
12 Октомври 2021•Ажурирај: 14 Октомври 2021
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, истакна дека Турција игра централна улога за Европската Унија (ЕУ) во борбата против илегалната миграција во Европа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Весникот „Јидише алгемајне“ (Jüdische Allgemeine) отстапи простор за изјавата на Меркел во однос на Турција, што ја даде при посетата на Институтот за национални безбедносни студии во Ерусалим (Кудс).
Канцеларката Меркел на прашање поставено за Турција, рече: „Не можете да ја игнорирате Турција. Турција, која е членка на НАТО, игра централна улога за ЕУ во борбата против илегалната миграција во Европа. Турција има големи цели и се случуваат многу разочарувања во односите. И покрај тоа што за клучни прашања имаме различни ставови, сепак треба да најдете прагматични договори. Мораме да продолжиме да разговараме едни со други.“
Меркел додаде дека надворешната политика е мешавина на вредности и интереси. „Тука голем успех е да се најде вистинскиот баланс.“