Meltem Bulur,Selen Temizer
20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
АНКАРА (AA) – Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу соопшти дека досега од Алепо се евакуирани 37.500 лица, а целта е до утре да заврши комплетниот процес за евакуација, јавува Anadolu Agency (AA).
Во согласност со постигнатиот договор со посредство на Турција и Русија, во четвртокот започна процесот на евакуација на цивилите од сирискиот град Алепо, а турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу денеска на социјалната мрежа Твитер соопшти дека досега од Алепо се евакуирани вкупно 37.500 лица.
„Целта е до утре да биде завршена евакуацијата од Алепо“, порача Чавушоглу.
Во неделата беше обновен договорот за прекин на судирите и евакуација на цивилите од Алепо, а покрај евакуацијата на цивилите од источните делови на Алепо коишто се под опсада на силите лојални на сирискиот режим, вчера започна евакуацијата на цивилите од квартовите Фуа и Керфеја, кои се под контрола на прорежимскиот Хезболах, а под опсада на силите на сириската опозиција.
Евакуираните од источниот дел на Алепо се транспортираат во Идлиб, на границата со Турција, кој е под контрола на сириската опозиција, а пак цивилите од регионот Фуа и Кефреја се евакуираат во деловите на Алепо под контрола на сирискиот режим.