Arife Yıldız Ünal
20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Турските оператори завршија со подготовките за обезбедување на услуги за 4,5G мрежа во Евроазискиот тунел кој ќе ги поврзува европската и азиската страна на Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако тунелот ќе биде отворен за сообраќај, од едната страна на Истанбул до другата, односно помеѓу Казличешме и Ѓозтепе, ќе може да се стигне за 15 минути, наместо за 100 минути, колку што беше потребно претходно.
Тунелот на два нивоа под морското дно е долг 5,4 километри, а вкупната должина на проектот е 14,6 километри.
Директор на Турк Телеком, Пол Доани рече дека тие се подготвени да им обезбедат на корисниците континуирана услуга за комуникација во тунелот.
"Корисниците на Турк Телеком ќе можат мобилните податоци и гласoвната комуникација да ја продолжат и под морето. Ние сме горди и среќни што како Турк Телеком ќе ја обезбедуваме комуникациската инфраструктура на проектот Евроазиски тунел кој е меѓу најдобрите инженерски проекти во светот", рече Доани.
Интернет со квалитет 4,5G 106 метри под нивото на морето
Претседателот на мобилниот оператор Турксел, Гедиз Сезгин, изјави дека компанијата завршила со работата на проектот за Евроазискиот тунел. Сезгин соопшти дека ќе нудат 4,5G услуги во Евроазискиот тунел на делницата од 5,4 километри, која се наоѓа 106 метри под нивото на морето.
"Во текот на работата, за којашто беа ангажирани околу 50 луѓе, беше користен 10,8 километри кабел "leaky feeder" и 12 километри оптички кабел. За континуирана употреба на мрежата во тунелот поставена е една системска просторија на европската и азиската страна", рече Сезгин кој додаде дека во овие простории се инсталирани 16 радиоединици.
Според него, работниците во тунелот од мај 2014 година имаа можност во текот на речиси 900 дена да комуницираат едни со други, но и со нивните семејства и пријатели.
"Во текот на изградбата се разговараше вкупно 6.075.242 минути", изјави Сезгин.
Горди на услугите на мобилната комуникациска инфраструктура од последна технологија
Заменикот-генерален директор на Водафон Турција, Хасан Суел, рече дека на своите клиенти во согласност со визијата да бидат лидери на телекомуникацискиот пазар, им нудат услуги на непрекината мобилна комуникација во рамките на Евроазискиот тунел.
Суел истакна дека за најдобри 4,5G услуги за претплатниците искористиле неколку километри фибер оптички кабел и дека имаат посебни системски простории во европскиот и азискиот дел.
Тој потсети на стручноста на Водафон на глобално ниво кога станува збор за 4G и напредните мрежи.
Тунелот, благодарение на модерната технологија и методи, изграден е на таков начин што нема да биде на ризик од земјотреси и цунами.
Исто така ќе биде погоден за користење и при неповолни временски услови. Во исто време, поради високите безбедносни карактеристики, може да се користи и како засолниште.
Секоја точка од тунелот ќе се следи 24 часа на ден во текот на цела недела, а модерената инфраструктура ќе ја бележи брзината на движење на возилата.