Halil İbrahim Başer
27 Ноември 2015•Ажурирај: 29 Ноември 2015
ИСТАНБУЛ (АА) – Работите на изградбата на еден од најголемите светски инженерски проекти, Евро-азискиот тунел, подводната патна комуникација под мореузот Босфор која ќе ги спои континентите Европа и Азија, се приведуваат кон својот крај, јавува Anadolu Agency (AA).
Според последните информации, досега се завршени 85 отсто од работите на проектот за изградба на тунелот, а неговото отворање е предвидено за октомври 2016 година.
Градоначалникот на истанбулската општина Фатих, Мустафа Демир, ја посети изградбата на тунелот во местото Једикуле, кое е почетна точка на Евроазискиот тунел во европскиот дел на Истанбул. Еден од менаџерите на овој проект, Неџил Енгур, го информираше градоначалникот Демир за досегашната работа на тунелот, наведено е во соопштението на општината Фатих.
Демир рече дека станува збор за еден проект чија изградба е навистина импресивна и дека станува збор за проект кој е планиран дури во времето на Османлиското Царство.
Како што кажа, поради остварувањето на еден ваков проект, народот и државата Турција треба да бидат горди. За изградбата на тунелот да биде побрза, се работи деноноќно, а вработени се 900 работници. Тунелот ќе има два ката, со по две возни ленти во двата правци. Најголем дел од внатрешноста на тунелот е завршена.
Проектот за изградба на Евро-азискиот тунел започнат е на 26-ти февруар 2011 година, тој ќе ги спои истанбулскиот кварт Казличешме, во европскиот дел, со квартот Гозтепе, во азискиот дел на градот.
Планирано е тунелот, чија должина е 14,6 километри, да го скрати моменталното времетраење на патувањето кое изнесува 100 минути на 15 минути. Вредноста на овој проект е пресметан на 1,3 милијарди долари, низ тунелот дневно ќе може да поминат околу 135.000 возила.
Да потсетиме дека Евро-азискиот тунел се гради на само неколку километри јужно од железничкиот тунел Мармарај, кој исто така се протега под Босфорот, мореуз кој го поврзува Црното и Мраморно Море. Мармарај е отворен во октомври 2013 година.