Behlül Çetinkaya
31 Мај 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека чистењето на јужните граници од терористите претставува право на Турција и прашање на нејзината национална безбедност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу беше гостин во уредничкиот деск на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците на АА за актуелните случувања во Турција и светот. Една од темите беше борбата против терористичката организација ПКК.

Рече дека амбасадорите на Франција и Германија во Анкара биле повикани во Министерството за надворешни работи поради демонстрациите што ги организирала терористичката организација ПКК во тие земји.
„Чистењето на јужните граници од терористи е право на Турција и прашање на националната безбедност. Наша должност е да ја исчистиме терористичката закана внатре и надвор, и во Сирија, каде и да се појави“, истакна Чавушоглу.
Говорејќи за источните егејски острови и тензиите со Грција, Чавушоглу рече дека Грција го нарушила статусот на островот и дека е должна да ги разоружа тие острови. Во спротивно, како што кажа, ќе започне расправа за суверенитетот.

Осврнувајќи се на прашањето за војната меѓу Русија и Украина, Чавушоглу кажа дека неговата земја и понатаму вложува напори страните да се вратат на преговарачката атмосфера.
„Работиме на тоа повторно да ги собереме страните на маса, дури и тоа да го направиме на ниво на лидери“, кажа Чавушоглу.
Најави дека неговиот руски колега Сергеј Лавров ќе дојде во Турција на 8 јуни, за да разговараат за отворање безбедносен коридор во Црното Море, вклучително и за прашањето за пченицата.