АНКАРА (АА) - Турција гледа дека Европската Унија (ЕУ) сака да изгради подобра соработка во врска со миграциите, но таа мора да ги исполни своите ветувања, како што тоа го стори Турција, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
„Рековме дека миграциите се хуманитарно прашање и нашата соработка треба да продолжи. Исто така, ги изложивме нашите очекувања од ЕУ“, изјави Чавушоглу пред новинарите во главниот град Анкара, по средбата со официјалните претставници на Европската Унија, Германија и Франција.
„Средбата беше плодна, со општи разговори за миграциите и за односите Турција - ЕУ“, истакна турскиот шеф на дипломатијата, по средбата со германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Шихофер, комесарот на ЕУ за миграции, Димитрис Аврамополус и францускиот амбасадор во Турција, Шарл Фирес.
Фирес го претставуваше францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, кој го одложи патувањето поради вчерашниот напад на француската полиција во Париз.
Чавушоглу истакна дека Турција ги применува одредбите од Договорот за бегалци од 2016 година и ги повтори очекувањата на Турција ЕУ да го стори истото.
„Според Договорот“, додаде Чавушоглу, „ЕУ не само што има обврски во врска со миграциите, туку и во врска со пристапните преговори на Турција, потоа за Царинската унија, визната либерализација за турските граѓани.“
Турскиот министер ги критикуваше забелешките на францускиот претседател Емануел Макрон за справувањето со миграциите и миграциската политика на Турција.
„Наместо обвинувања од таков тип, треба да се фокусираме на решавање на проблемот“, истакна тој.
Според Договорот за бегалци склучен во март 2016 година, ЕУ вети помош од 6 милијарди евра за подобрување на животните услови на сириските бегалци во Турција, но до јуни годинава исплатени се само 2,22 милијарди евра.
Унијата, исто така вети и визна либерализација за турските граѓани кои патуваат во земјите од Шенген-зоната на ЕУ, преговори за обновување на Трговскиот договор за Царинската унија, и поенергетска посветеност на пристапниот процес на Турција.
ЕУ не исполни ниту една од горенаведените обврски.
- Неисполнети ветувања, неуспех во борбата против тероризмот -
Земјите членки на ЕУ, исто така, ветија дека за секој Сириец кој се вратил во Турција од грчките острови, друг Сириец ќе биде преместен од Турција во ЕУ, како дел од планот за преселување.
Но, темпото на враќање во Турција од грчките острови според договорот е бавно, во голема мерка поради долгите правни процедури и административните проблеми во Грција.
Земјите членки на ЕУ од 2016 година прифатија само околу 20.000 сириски бегалци од Турција.
Во моментов Турција е домаќин на околу 3,6 милиони сириски бегалци, повеќе од која било друга земја во светот. Според официјалните податоци, Анкара досега има потрошено 40 милијарди долари за бегалците.
Чавушоглу, исто така, рече дека Германија, Франција и Велика Британија презеле одредени мерки против терористичката организација ПКК, но не успеале да го завршат потребното.
„Овие земји исто така не направија доволно за да ја поддржат борбата против ФЕТО, терористичката организација која изврши обид за државен удар во Турција во 2016 година“, додаде тој.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и голем број деца и жени.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живеее во САД, го организираа обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година во кој животот го загубија 251 лице, а 2.200 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.