Ekipa
08 Август 2019•Ажурирај: 09 Август 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ги окарактеризира вчерашните разговори со американските официјални претставници за формирање на безбедносна зона во северна Сирија како многу добар почеток, јавува Anadolu Agency (AA).
„Можеме да го окарактеризираме вчерашниот договор како еден многу добар почеток“, рече Чавушоглу на прес-конференцијата во Анкара на маргините на 11. Амбасадорска конференција во турскиот главен град.
Вчера, турските воени претставници со американските колеги се согласија дека безбедносната зона во северна Сирија ќе биде „мировен коридор“ за раселените Сиријци кои копнеат да се вратат во своите домови.
Исто така, двете страни се согласија за итна имплементација на мерките во однос на безбедносната загриженост на Турција.
За време на состанокот одлучено е да се формира заеднички оперативен центар во Турција за координација и раководење со формирањето на безбедносната зона.
Чавушоглу предупреди дека Турција нема да дозволи напорите за безбедносната зона со Соединетите Американски Држави да се претворат во процес на одолговлекување, како што тоа беше со Мапата на патот за сириски Мунбич.
Договорот за Мунбич меѓу Турција и САД се фокусира на повлекувањето на терористите на ЈПГ/ПКК од градот, со цел стабилизирање на регионот во северниот дел на сириската покраина Алепо.
ЈПГ/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која е одговорна за смртта на речиси 40.000 лица во Турција, меѓу кои многу деца, жени и новороденчиња, во терористичката кампања која трае веќе 30 години.