Zuhal Demirci
08 Август 2019•Ажурирај: 09 Август 2019
АНКАРА (АА) – ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ –
Амбасадорот на Република Турција во Доха, Катар, Фикрет Озер, рече дека „Катар е земја која за најкратко време има најбрзи инвестиции во Турција. Катарците во Турција во моментов имаат 22 милијарди долари директни и индиректни инвестиции“, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Озер одговори на прашањата на дописникот на АА во Анкара, каде што присуствуваше на 11. Амбасадорска конференција.
Тој, во врска со неодамнешните наводи дека Катар ги повлекува своите инвестиции од Турција, рече дека такви официјални информации нема пристигнато до него.
Истакнувајќи дека некои од инвеститорите од Катар можно е да ги суспендираат инвестициите поради нестабилниот курс на доларот во Турција, амбасадорот Озер рече: „Според официјалната политика на државата Катар, нема повлекување на инвестициите од Турција. Нема политичка одлука донесена во таа насока.“
Тој нагласи дека односите меѓу двете земји се долгогодишни, дека не се циклични туку стратешки.
Озер рече дека Катарците, исто како и во претходните години, посветуваат посебно внимание на можностите за туризам.
„Во 2016 година бројот на граѓани од Катар кои дошле во Турција изнесува 33.000. На крајот на 2017 година, 45 илјади. Минатата година во Турција пристигнале 100 илјади Катарци.“
- „Катар е земја која за најкратко време има најбрзи инвестиции во Турција“ -
Турскиот амбасадор истакна дека Катарците имаат голем интерес во областа на недвижностите во Турција.
„Во споредба со првите шест месеци од минатата година, побарувачката за недвижности е зголемена за 200 отсто. Тоа можеме да го следиме од процесите кои се одвиваат во нашиот Конзулат.“
„Катар е земја која за најкратко време има најбрзи инвестиции во Турција“, истакна Озер, и додаде: „Катарците во Турција во моментов имаат 22 милијарди долари директни и индиректни инвестиции.“
„Откако некои земји од Заливот воведоа ембарго за Катар, Турција го поддржа Катар, особено во прехранбените производи“, потсети Озер, истакнувајќи дека по ембаргото имало скок во трговската размена меѓу двете земји.
„Пред ембаргото, според статистиките од декември 2016 година, извозот на Турција во Катар изнесуваше 435 милиони долари. По ембаргото извозот се зголеми на 750 милиони долари. На крајот на минатата година таа бројка се зголеми на 1 милијарда и 100 милиони долари. Потребно е оваа бројка да се зголемува и понатаму.“