Deniz Açık
09 Август 2019•Ажурирај: 10 Август 2019
ЕСКИШЕХИР
Центарот за социјални медиуми и дигитална безбедност, образование, апликација и истражување (SODİGEM) при Универзитетот „Анадолу“ во Ескишехир, Турција, го истражуваше влијанието на социјалните медиуми при честитањето на верските празници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писмената изјава од Центарот се истакнува дека во последните години, покрај традиционалните ритуали, Бајрам се честита и преку социјалните медиуми.
„На социјалните медиуми се објавуваат семејни фотографии од посетите за Бајрам, што е една од главните особини на празникот“, се истакнува во соопштението и се додава дека со денешната технологија најмногу се испраќаат групни дигитални пораки за честитање на Бајрам, а исто така се користат и видеочеститки преку разни апликации.
Во соопштението се истакнува дека со ширењето на социјалните медиуми се намалени традиционалните семејни посети за време на празниците.
„Граѓаните наместо традиционалните семејни посети го честитаат Бајрам преку социјалните медиуми. Повеќето од честитките се испраќаат преку апликациите „Ватсап“ и преку СМС-пораки. Овие пораки се готови текстови за честитање Бајрам, а можат да бидат и поетски текстови. Некои од корисниците на социјалните медиуми при честитањето употребуваат и готови фотографии или гифови каде што пишува 'Среќен Бајрам'. Еден дел од корисниците на социјалните медиуми, како друга метода, го честитаат Бајрам со карикатури за пред бајрамското чистење и фотографии од курбанот. Граѓаните кои за време на Бајрам се далеку од своите блиски, го честитаат Бајрам со видеоапликации како што се „Снепчет“, „Фејстајм“, „Ватсап“ и „Скајп“.
- Селфи со курбанот
Според истражувањето на Центарот, преку социјалните медиуми корисниците често пати објавуваат фотографии од семејните ручеци за Бајрам и фотографии од подготвувањето на јадењата со месото од курбанот.
Исто така, во истражувањето се нагласува дека корисниците често пати објавуваат и селфи-фотографии со Курбанот и видеоинсерти или фотографии од колењето на курбанот.
„Овие ситуации на социјалните медиуми се критикувани бидејќи таквите фотографии не се посакувани. Често пати се објавуваат и фотографии од несреќите при употребата на алатките за сечење на курбанот и курбаните кои успеваат да избегаат. Корисниците на социјалните медиуми, кои наместо прослава со семејството одлучуваат да заминат во туристичките места, исто така, објавуваат фотографии од туристичките места. На Фејсбук и Инстаграм за честитање на Бајрам се објавуваат фотографии, а на Твитер генерално се објавува текст. За време на празникот, повеќе компании и институции го честитаат Бајрам преку Јутуб со рекламни видеа.“