Can Erözden
13 Февруари 2018•Ажурирај: 14 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Група турски научници по втор пат заминуваат на Антарктикот заради поларно истражување што ќе го имаат во текот на овој месец, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние ќе ги завршиме нашите физибилити студии за нашата научна база на ова наше второ патување, на коешто зминуваме за околу 10 дена“, вели Фарук Озлу, министер за наука, индустрија и технологија.
Тој нагласи дека тимот веќе ја направил потребната работа за воспоставување на истражувачката база на Турција на Антарктикот.
„На нашето второ патување, тимот ќе биде предводен од страна на научникот Бурџу Озсој“, додаде тој.
Озлу рече дека второто турско патување на Антарктикот претставува еден од проектите на визија во земјата, додавајќи дека турската наука поминала долг пат.
„Турција е предодредена да биде земја што меѓународно ќе се натпреварува во науката и технологијата“, вели тој.
Нагласувајќи ги потешкотиите за воспоставување база и правење научно истражување на оддалеченост од 15.000 километри од својата земја, Озлу рече: „Сигурен сум дека турските научници ќе ги постигнат овие тешки цели. Турската власт ќе ја поддржи нашата научна група. Му посакувам успех на турскиот тим на нивното второ патување до Антарктикот“.
Озлу, исто така, му се заблагодари на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, поради поддршката на мисијата на Антарктикот.
Истражувачкиот тим го посети и кабинетот на турскиот премиер Бинали Јилдирим, пред да замине на патувањето.
Антарктикот претставува место коешто е само за научни истражувања, од моментот на потпишувањето на Договорот за Антарктикот во Вашингтон, во 1959 година, чијшто потписник е и Турција.
Континентот се смета за најстуден на Земјата. Најниската температура на овој континент е регистрирана во 1983 година и изнесува - 89 Целзиусови степени. Во текот на летото, температурите растат и се движат од - 15 степени Целзиусови до - 5 степени.
Првиот турски Поларен истражувачки центар „PolRec" е основан во 2015 година.
Мисијата на овој истражувачки центар е да спроведе истражување на Антарктикот и да го подигне угледот на Турција во меѓународната научна заедница.