Fuat Kabakcı
01 Октомври 2021•Ажурирај: 02 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Според Службениот весник на земјата, Турција ратификува договори со Обединетите нации и со три земји во различни области како што се животната средина, енергетиката, развојот, економијата, трговијата и здравството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Договорите со ОН, Чад, Парагвај и Турска Република Северен Кипар (ТРСК) се наведени во весникот објавени денеска.
Анкара го ратификува договорот со Секретаријатот на Конвенцијата на ОН за борба против дезертификацијата за спроведување на „Иницијативата Анкара“.
Турција ја започна „Иницијативата Анкара“ во периодот меѓу 2016 и 2019 година за да ја зајакне имплементацијата на Конвенцијата на ОН за борба против дезертификацијата и да придонесе во напорите на земјите на кои им е најпотребна во борбата против сушата и дезертификацијата.
Исто така, беше ратификуван Протоколот меѓу владите на Турција и Чад за техничка и развојна соработка и Меморандумот за разбирање меѓу двете земји за соработка во областа на јаглеводороди и енергетиката.
Со новите договори, двете земји имаат за цел да поддржат одржлив развој преку техничка и развојна соработка, да ги користат локалните ресурси во развојни проекти, да го зголемат трансферот на технологијата и размената на техничка помош, да ја зголемат соработката во областа на јаглеводородите и енергијата, како и во економијата и трговијата.
Анкара, исто така, го ратификува Договорот за пријателство и соработка потпишан со Парагвај на 31 јануари 2017 година во главниот град Асунсион, во кој двете земји се согласија за развој на билатералните односи и продлабочување на разбирањето и довербата меѓу двете страни.
Во весникот е објавена и ратификацијата на Договорот потпишан меѓу Турција и Турска Република Северен Кипар (ТРСК) на 9 август за грантови во областа на здравството.
Во рамките на договорот, Турција се очекува да ѝ донира на ТРСК 350.000 дози инактивна и 21.060 дози вакцина заснована на технологијата „mRNA“ против коронавирусот, како гест на пријателство и добра волја.