Diyar Güldoğan
25 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека сите лица кои се вмешани во случајот со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Истанбул, треба да се соочат со правдата во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Секој кој е поврзан со убиството треба да биде подложен на истрага и да му се суди во Турција“, изјави Чавушоглу за новинарите денес, заедно со неговиот палестински колега Ријад ал Малики во Анкара.
Тој изјави дека Турција ги презела сите потребни мерки за расчистување на случајот во врска со убиството на новинарот Кашоги.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија неодамна соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот ги објави прелиминарните резултати од истрагата на неговата земја, велејќи дека убиството на Кашоги било планирано.
Чавушоглу за медиумите и меѓународните организации изјави дека тие одблизу го следат случајот, и додаде: „Овој процес мора да се надгледува на исклучително експлицитен и транспарентен начин.“
Тој рече дека Турција споделила информации и докази во врска со случајот со оние кои сакаат да добијат подетални информации како дел од меѓународното право.
„Ние, засега, немаме намера да го изнесуваме ова прашање на Меѓународниот суд“, додаде Чавушоглу.