İsmet Karakaş
26 Јули 2021•Ажурирај: 26 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, истакна дека во Тунис е суспендиран демократскиот процес и рече дека ги осудуваат обидите кои се без уставна легитимност и кои не ја добиле поддршката на народот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Калин преку социјалните мрежи реагираше во врска со случувањата во Тунис, каде што претседателот на државата, Кајс Саид, го суспендира Парламентот и го разреши премиерот.
„Го одбиваме суспендирањето на демократскиот процес и негирањето на демократската волја на народот во братската и пријателска земја, Тунис. Ги осудуваме обидите кои се без уставна легитимност и кои не ја добиле поддршката на народот. Веруваме дека демократијата на Тунис ќе излезе посилна од овој процес“, напиша Калин.
Синоќа, тунискиот претседател Кајс Саид, тврдејќи дека на земјата ѝ е потребна вонредна состојба поради лошата состојба во врска со корупцијата, ја суспендира работата на Парламентот и го разреши премиерот од функцијата.
Наспроти тоа, претседателот на тунискиот Парламент и претседател на Движењето „Нахда“, најголемата политичка партија во земјата, Рашид ал-Гануши, ја отфрли таа одлука и ги повика граѓаните на Тунис на мирна борба против ваквите одлуки.
Гануши го обвини претседателот Саид за државен удар и порача дека и Владата и Парламентот и понатаму се на должност.
Припадниците на Војската на Тунис во текот на ноќта не дозволија влез во Парламентот на пратениците и на претседателот на ова тело, Гануши.