ИСТАНБУЛ (АА) - МЕРВЕ ШЕБНЕМ ОРУЧ
Лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетулах Ѓулен, на 25-ти јули во Њујорк Тајмс објави напис во кој образложува и од американските власти бара да не го испорачуваат во Турција, која го бара како главно одговорно лице за обидот за државен удар во Турција на 15-ти јули.
Ѓуленовите текстови, пишувани по 15-ти јули, заслужуваат да бидат внимателно анализирани со цел подобро да се разбере светското и регионалното значење на овој настан. Покрај тоа, со анализа на текстовите на Ѓулен може да се сфати она што би можело да се случи во иднина.
Обидот за државен удар во Турција може да се окарактеризира како последниот, очајнички потег на ФЕТО, но, воедно и пад на 35-годишниот проект. Доколку се покаже како точно она што повеќето граѓани на Турција го мислат, а тоа е дека САД веќе долго време соработува со Ѓулен, тогаш може да се очекува дека испорачувањето на Фетулах Ѓулен нема да се случи.
Во овој контекст, текстот на Ѓулен во „Њујорк Тајмс”, може да се набљудува како оправдување за неостварените задачи и страв од отпуштања на налогодавачите. Од пишувањето на некои медиуми може да се разбере дека лидерот на ФЕТО и неговите приврзаници, кои од една страна сакаат да останат во САД, почнаа да размислуваат за алтернативни земји. Како пример за тоа се појавува веста од Египет за ФЕТО, кој по неуспешниот државен удар значително ги интензивираше активностите во таа земја.
Тоа што египетските власти ги толерираат активностите на ФЕТО може да се објасни како освета кон официјална Турција поради нејзината поддршка на Муслиманското братство претходно во 2013 година, кога Египет го зафати крвавиот бран на Арапската пролет. Всушност, одредени челонови на Муслиманското братство, кои се барани во својата земја, најдоа засолниште во Турција.
Ако се земе в предвид дека египетскиот претседател Сиси со воодушевување го очекуваше успехот на пучистите, тогаш може да се претпостави дека неуспехот на воениот удар предизвикал големо разочарување во Египет.
Се разбира, токму со заслуга на Египет, Советот за безбедност на Обединетите нации е спречен да се изјасни против државниот удар и да застане покрај легитимно избраната власт во Турција.
Дали Египет, кој пред обидот за неуспешен државен удар тежнееше кон подобрување на односите со Турција, сега, по цена на подлабоко заладување на односите, на Ѓулен ќе му даде право на засолниште? Ваквата можност би можела да биде причина за продлабочување на напнатоста меѓу земјите во регионот.
- ФЕТО и исламот -
Ако се земе в предвид дека Тунџај Опчин, еден од најсилните поддржувачи на ФЕТО, на социјалните медиуми напиша дека „нивниот проблем не е АК Партијата, туку политичкиот ислам и дека ќе устрае во својот пат додека тој не се уништи”, тогаш не е изненадување што ФЕТО многу добро се согласува со режимот на Абдулфетах Сиси, кој со државен удар во својата земја ја собори демократски избраната власт а Муслиманското братство го прогласи за терористичка организација.
Евидентно е и пишувањето на веб-порталите, како порталот „Корум Хабер” за мистичната симболика на организацијата ФЕТО и нејзината улога во преземањето на власта во Турција.
Така, таму се опишуваат некои позитивни личности, како што се Салих Зат, Картал Кахтани и Јавуз, и негативни, како што е Суфјан, а познато е од порано дека поддржувачите на ФЕТО Ердоган го нарекуваа со погрдните имиња "Суфјан, Језид, диктатор, тиранин .. . ". Во таквите страници, и во таквите текстови се алудираше дека во 2016 година Ердоган ќе биде симнат од власт, а дека власта во земјата ќе ја преземе Ѓулен.
Така, во последните неколку години АК Партијата е поврзувана со политичкиот ислам, а потоа се појавува клеветата дека АК Партијата ја поддржува терористичката организација ДАЕШ. Во овој контекст, потребно е внимателно да се проучи улогата на ФЕТО во производството и пласирањето на ваквите тврдења.
Во првото интервју по 15-ти јули на Ѓулен му е упатено прашањето за наводното потпомагање на ДАЕШ од страна на Турција. Тој тогаш рече дека „Ердоган го фараонизирал Сиси, дека за себе си ја зел улогата на Муса (Мојсеј), но дека зад тоа се криела желбата за преземање на Египет”. Ѓулен тогаш е запрашан и за триаголникот Турција-Сирија-Египет. Неговиот одговор алудираше на тоа дека во време на државни удари и граѓански војни на неговата организација ФЕТО треба да ѝ се придаде уште поголемо значење.
- Клеветата дека официјална Анкара го поддржува ДАЕШ -
На почетокот на 2014 година, три хуманитарни камиони од Турција тргнаа кон Сирија. Со помош на членот на „паралелните структури”, обвинителoт Озџан Шишман, направена е измама во која учествуваа хуманитарна организација ИХХ и разузнавачката агенција МИТ. Потоа се вклучија новинарот Фатих Јагмур и група припадници на ФЕТО кои со голема брзина на социјалните мрежи ја пласираа веста за оружјето. Изјавата на Ѓулен дека Ердоган сака да стане „емирул-муминин” (калифа - водач на правоверните), и со помош на ДАЕШ да влезе во Сирија, а потоа во Јордан, земјите на Магреб и Египет, е основната причина поради која светските медиуми го обвинија Ердоган за нео-османизам.
Погрешно е да се размислува дека ваквите лаги имаат за цел само оцрнување.
Приказната дека Турција го потпомага ДАЕШ одекна во светот. Така на пример Дејвид Л.Филипс од Универзитетот Колумбија спроведе истражување за човековите права и на многу места како извор на информации ги наведува медиумите лојални на Фетула Ѓулен. Тоа беше еден застрашувачки проект. Обидот Ердоган да се прикаже во лошо светло, како радикален исламист, се случи ноќта на 15-ти јули.
Кога пучистите увидоа дека пучот нема да успее, посегнаа по нешто друго. Со фотомонтажа е направена глетка во која група на припадници на ДАЕШ му ја отсекува главата на турски војник. Тогаш имаше обид Ердоган да се претстави како поддржувач на ДАЕШ, да се прикаже и како радикален исламист, а Ѓулен модерен, умерен муслиман. Веќе утредента се покажа дека тоа била лажна и монтирана вест.