Sibel Uğurlu
14 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
АНКАРА (АА) - Припадниците на турската полиција денес во Анкара од слобода лишија десет припадници на терористичката организација ПКК, кои се сомничат дека подготвувале терористички напади во главниот град на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван безбедносен претставник за АА рече дека уапсената група планирала утре да изврши серија терористички напади врз јавните институции и врз цивили во Анкара, а повод за нападите е одбележување на 32-годишнината од првиот вооружен напад изведен од страна на ПКК во Турција.
Акцијата на апсење на осомничените членови на младинските ограноци на ПКК ја изведоа припадници на полицискиот оддел за борба против тероризмот, а меѓу уапсените се и неколку водачи на тие ограноци.
Полицијата изврши претрес на неколку адреси и притоа заплени големо количество оружје и документи на терористичката организација ПКК.
Паралелно со тоа, турската полиција соопшти дека во изминатите пет дена, во рамките на истрагата во врска со терористичката организација ПКК во југоисточната покраина Дијарбакир, приведени се 124 осомничени лица. Меѓу приведените се и поголем број лица осомничени за учество во планирањето терористички напади кои биле во план да се изведат утре во Анкара.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и Европската унија. Припадниците на ПКК, на 15 август 1984 година ги изведоа првите оружени терористички напади во југоисточните турски покраини Хакари и Сирт. Тие својата воена кампања против Турција ја обновија во јули минатата година.
Од јули минатата година во терористички напади на ПКК загинаа над 600 припадници на турските безбедносни сили, а во акциите кои интензивно од декември ги водат турските сили убиени се над 7.000 терористи.