Muhittin Sandıkçı
18 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
РИЗЕ (АА) - Вљубениците во адреналинот се упатуваат кон планинските врвови што се издигнуваат над турскиот брег на Црното Море за да го забрзаат пулсот со хели-скијање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од 2005 година, планините Качкар во Ризе, североисточна Турција, се најдоброто место за љубителите на хели-скијањето и сноубордерите од целиот свет, а тримесечната зимска сезона започна сега.
Одејќи повисоко отколку што некогаш би можеле да стигнат ски-лифтовите, скијачите или љубителите на хели-скијањето скокаат од хеликоптери на стрмните планински падини, предизвикувајќи го сопственото тело и покажувајќи ги вештините во аплско скијање.

Откако скијачите ќе стигнат до својата дестинација, хеликоптерите можат повторно да ги однесат до врвот на планината за да се спуштат уште еднаш.
Роланд Брунер, кој девет години работи како ски-водич и пилот, рече дека овој турски регион е омилен меѓу љубителите на зимските спортови благодарение на квалитетот на снегот.
„Снегот во Канада е со сличен квалитет, но Северна Америка е многу подалеку од Европа отколку Турција, која е само на неколку часа со авион“, изјави тој.
„Патеките во Швајцарија се многу кратки. А тука можете да скијате најмалку 10 или 15 пати на ден“, додаде тој.

Првото хели-скијање во сезоната со група од 16 скијачи од Швајцарија и Франција траеше кратко поради облачното време, но планините нудат многу повеќе можности.
Скијачките тури на висока надморска височина, организирани од Ајдер Хелиски на планината Качкар, се очекува да траат до крајот на март, привлекувајќи околу 370 скијачи авантуристи.