Турција

Ердоган: „Турција ќе ја задржи својата респектабилна позиција во надминувањето на кризата во БиХ“

„Со почитуваниот Вучиќ ќе разговараме за чекорите што може да се направат на Балканот, ќе разговараме и за Босна и Херцеговина. И нему ќе му ја нагласам важноста на мирот и стабилноста во БиХ за целиот регион...“

Enes Kaplan  | 18.01.2022 - Обновена : 18.01.2022
Ердоган: „Турција ќе ја задржи својата респектабилна позиција во надминувањето на кризата во БиХ“ Фото: Mustafa Kamacı/AA

АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да ја одржува својата респектабилна позиција во надминувањето на кризата во Босна и Херцеговина, бидејќи страните во БиХ бараат придонес од Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

По посетата на Албанија, Ердоган одговараше на новинарски прашања, а едно од нив беше во контекст на актуелната политичка криза во Босна и Херцеговина.

Ердоган потсети дека албанскиот премиер Еди Рама неодамна присуствувал на состанокот за актуелната ситуација во Босна и Херцеговина и дека на тој состанок рекол: „Добро, сите сме тука, но каде е Турција?“ Тој додаде дека слично мислење за време на неговата посета на Босна и Херцеговина изразил и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Ердоган рече дека тоа е интересно.

Тој потсети дека денеска во Анкара пристигнува српскиот претседател Александар Вучиќ, а една од темите за разговор ќе биде Босна и Херцеговина.

„Со почитуваниот Вучиќ ќе разговараме за чекорите што може да се направат на Балканот, ќе разговараме и за Босна и Херцеговина. И нему ќе му ја нагласам важноста на мирот и стабилноста во БиХ за целиот регион. Веруваме дека е можно решение преку поголем дијалог меѓу страните. Во наредниот период ќе ги интензивираме дипломатските активности“, рече Ердоган и додаде:

„Турција ќе продолжи да ја одржува својата респектабилна позиција во надминувањето на кризата, со објективниот и сеопфатен став што го покажа досега, како земја чиј придонес во контекст на актуелниот проблем го бараат страните во Босна и Херцеговина и актерите во регионот.“

Ердоган говореше и за можностите за руска окупација на Украина, што го оцени како нереално.

„Не го сметам тоа за реално. За таков чекор Русија мора да ја земе предвид сопствената ситуација, но и ситуацијата во целиот свет“, рече Ердоган и додаде:

„Овие региони повеќе не можат да прифатат војна. Мора конечно да ја избришеме војната од историјата на политиката.“

Ердогансе зборуваше и за залихите на гас во Црното Море.

„Во текот на 2022 година ќе ги завршиме операциите што му претходат на производството. Ако даде Господ, ќе завршиме навреме, до 2023 година“, рече Ердоган.

Во контекст на движењата на девизниот курс во Турција, тој најави натамошен пад на курсот, но и на каматните стапки.

„Полека и постепено ќе паѓа курсот, но и каматните стапки, 2022 година ќе биде нашата најсветла година, па така ќе влеземе и во 2023 година“, изјави Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın