Mehmet Tosun
18 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, со најголеми државни почести во Анкара го прими претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Свечениот прием беше приреден на платото пред Претседателската палата во Анкара, а започна со интонирање на химните на двете земји.
Вучиќ потоа ги поздрави турските гардисти со турскиот поздрав „мерхаба аскер“ (поздрав војници).

По заедничката фотографија пред Претседателската палата, започна состанокот меѓу Ердоган и Вучиќ, по кој двајцата лидери ќе присуствуваат на состанокот на Советот за соработка на високо ниво помеѓу Турција и Србија.
По состанокот ќе биде организирано и потпишување на договори, а потоа заедничка прес-конференција и вечера во чест на српскиот претседател.
На приемот пред Палатата присуствуваа и министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, министерот за трезор и финансии, Нуредин Небати, министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, министерот за транспорт и инфраструктура, Адил Караисмаилоглу, портпаролот на Кабинетот на претседателот на Турција, Ибрахим Калин, шефот на Канцеларијата за комуникации, Фахретин Алтун, и гувернерот на Анкара, Васип Шахин.