Handan Kazancı
22 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
АНКАРА (АА) - Турција ја потврди својата поддршка за Азербејџан против ерменските погранични напади, се вели во соопштението на Советот за национална безбедност на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турција ја повика Ерменија да престане со нападите и да се повлече од азербејџанските територии што ги окупира, се вели во соопштението по состанокот на Советот предводен од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
Анкара, исто така, остро ја осуди ерменската окупација на азербејџанската територија.
На 12 јули, ерменската Армија го прекрши прекинот на огнот и ги нападна азербејџанските позиции со артилериски оган во пограничната област Товуз, повлекувајќи се по претпените загуби по возвратниот оган на азербејџанската Армија.
За време на нападите на Ерменија загинаа 12 азербејџански војници, меѓу кои и високи офицери и еден цивил, а ранети се 4 војници.
Од 1991 година, ерменската Војска нелегално го окупира регионот Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
- Либија -
„Турција ќе продолжи да биде покрај либискиот народ против секаков вид тиранија“, се додава во соопштението на Советот за безбедност.
Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на лидерот Моамер Гадафи во 2011 година. Новата Влада на земјата е формирана во 2015 година во рамки на договорот склучен со посредство на ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на водачот на силите од источна Либија, Калифа Хафтар, поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Легитимната Влада на Либија од минатиот април е под напади на силите на Хафтар, во кои загинаа над 1.000 лица.
ОН ја признаваат либиската Влада предводена од Фајез ал Сараџ како легитимна власт во земјата.
Владата ја започна операцијата „Бура на мирот“ против Хафтар во март за да се спротивстави на нападите врз главниот град Триполи, и ослободи стратешки локации, меѓу кои и воздухопловната база „Ал Ватија“ и градот Тархуна.
Хафтар има поддршка од Обединетите Арапски Емирати, Египет и Русија, додека Владата признаена од ОН е поддржана од страна на Турција.
- Кипар -
Турскиот Совет за безбедност во врска со медитеранскиот остров соопшти дека Турција нема да дозволи никаков обид што би можел да им наштети на мирот и стабилноста на Кипар.
Денес Турција возврати на грчките тврдења за „нелегални истражувања“ во Источниот Медитеран поради изведување на нови дупчења од турскиот брод.
„Ова максималистичко тврдење на Грција за континенталниот гребен е спротивно на меѓународното право, јурисдикцијата и судските одлуки“, истакна во писмената изјава на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој.
Минатиот мај, бродови под турско знаме започнаа со офшор дупчење во подрачјата недалеку од островот Кипар. Областите спаѓаат во рамките на турскиот континентален гребен регистрирани во ОН и со дозвола на турската Влада од изминатите години дадена на Турската нафтена корпорација, националната нафтена компанија на земјата.
Турција ја гледа енергетиката како поттик за политичко решение за островот и мир во поширокиот медитерански басен, а не катализатор за понатамошни тензии.
Турција е земја гарант на Турската Република Северен Кипар која го оспорува едностраното дупчење во Источниот Медитеран на администрација на кипарските Грци, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар исто така има права на ресурсите во регионот.
Во 1974 година, по пучот со цел анексија на Кипар од страна на Грција и етничкото насилство врз кипарските Турци, Анкара мораше да интервенира. Во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Оттогаш се појавија неколку обиди за решавање на кипарскиот спор кои завшија со неуспех. Најновиот обид, во кој зедоа учество и земјите гаранти Турција, Грција и Велика Британија, заврши без никаков напредок во 2017 година во Швајцарија.