Gözde Bayar
20 Јули 2021•Ажурирај: 21 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турција ја осуди средбата на францускиот претседател Емануел Макрон со членовите на таканаречениот Сириски демократски совет, што е под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Танју Билгич, истакна дека врските на Франција со жедната за крв терористичка организација и нејзините ограноци, кои имаат сепаратистичка агенда, ја поткопуваат националната безбедност на Турција, напорите за заштита на сириското политичко единство и територијалниот интегритет и обезбедувањето стабилност во регионот.
„Ние исто така ја потсетуваме француската и меѓународната јавност на фактот дека организацијата неодамна со крв ги задуши мирните демонстрации на младите луѓе кои одбија да се приклучат на организацијата, бомбардираа цивилни цели како што е болницата во Африн, напаѓаа сириски цивили, вклучувајќи и деца, и измачуваа затвореници до смрт“, се вели во соопштението на Министерството.
„Уште еднаш повторуваме дека Турција одлучно ќе ја продолжи својата борба против оваа терористичка организација и нејзините ограноци, насекаде“, се додава.
Во понеделникот, Макрон прими делегација на таканаречениот Сириски демократски совет во Елисејската палата во Париз.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои има и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.