Dilara Hamit
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
АНКАРА
Турција денес го осуди Израел за одобрението на изградбата нови станбени единици на окупираниот Западен Брег, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на турското Министерство за надворешни работи се истакнува дека Израел продолжува да ги узурпира правата на палестинскиот народ преку одобрувањето на изградбата на над 2.300 станбени единици во незаконските населби на Западниот Брег, кој е под израелска окупација од 1967 година.
„Остро ја осудуваме оваа незаконска политика на Израел. Израел продолжува отворено да го крши меѓународното право со политиката на проширување на нелегалните населби“, се вели во соопштението.
„Ние ги одбиваме обидите на Израел за елиминирање на пристапот за дводржавно решение и за правење на окупацијата перманентна. Повторуваме дека секогаш ќе стоиме покрај праведната кауза на братскиот палестински народ и Палестина“, се додава во соопштението на турското МНР.
Околу 650.000 израелски Евреи во моментов живеат во повеќе од 100 населени места изградени од 1967 година, кога Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим (Кудс).
Меѓународното право ги смета Западниот Брег и Источен Ерусалим како „окупирани територии“ од страна на Израел, а сите активности за изградба на еврејски населби за нелегални.