Halil Demir
23 Април 2021•Ажурирај: 25 Април 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 62 лица се уапсени во рамките на истрагата во случајот со берзата на криптовалути „Тодекс“. Главното име во истрагата е сопственикот на оваа берза, Фатих Фарук Озер, за кого постои сомнеж дека измамил околу 400.000 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Републичкото обвинителство во Анкара, претходно, во рамките на истрагата издаде налог за приведување на 78 лица поврзани со компанијата. Во акциите спроведени денеска, во осум турски градови досега се уапсени 62 лица.
За време на претресите запленето е и значајно количество дигитален материјал и документи, а акцијата на приведување на преостанатите 16 осомничени е во тек.
До Републичкото обвинителство во Истанбул вчера е поднесена кривична пријава, а подоцна е започната и истрага против Фатих Фарук Озер, сопственикот на „Тодекс“, берза на криптовалути основана во 2017 година во Турција. Озер се сомничи за кривично дело „квалификувана измама“.
Во пријавата против него се наведува дека на берзата веќе седум дена постои проблем со повлекување на парите на банкарските сметки и подоцна дојде до потполно затворање на берзата.
Се наведува, исто така, дека и веб-страницата „www.thodex.com“ не е достапна веќе два дена. Станува збор за страница која има околу 400.000 корисници, меѓу кои 390.000 корисници кои активно ја спроведуваат трговијата со криптовалути и финансираат вложувања.
Голем број корисници на „Тодекс“ се огласија преку социјалните мрежи наведувајќи дека немаат пристап на берзата и дека веќе некое време не се во можност да ги пренесат своите пари на сметките.
Наведено е, исто така, дека постојат тврдења дека осомничениот Фарук Фатих Озер во вторникот на 20 април ја напуштил Турција.
По жалбите на корисниците дека не можат да пристапат на парите на берзата, компанијата се огласи пред два дена со образложение дека „сите проблеми ќе бидат решени по 6-те часа на планирано одржување“. Потоа, од берзата повторно се огласија наведувајќи дека овој пат работите на одржување ќе траат 4-5 дена.