Sidar Can Eren
23 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
ТУНЏЕЛИ (АА) - СИДАР ЏАН ЕРЕН -
Во рамките на антитерористичките операции во источната турска област Тунџели, турските безбедносни сили уништија 67 засолништа и пештери што ги користеа терористите на ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
Операцијата наречена „Ерен-7 Мерџан Мунзур“ е организирана во соработка со Канцеларијата на гувернерот на Тунџели и Жандармериската команда, со цел неутрализирање на сепаратистичко-терористичката организација ПКК, што претставува безбедносна закана за Турција и нејзиниот народ.
Во антитерористичката операција на падините на анадолиските планини учествуваат Специјалните единици на жандармеријата (JOH), Специјалната полиција (POH) и локалната стража. Во 59 тима дејствуваат вкупно 1.062 припадници на турските безбедносни сили.
Храбрите турски борци одлучно ја спроведуваат потрагата по терористите и нивните дувла во комплексни услови на планинските падини, длабоките кањони и густите дабови шуми.
Тунџели е регион во кој терористите на ПКК своевремено се обидуваа да изградат свои бази, но турските безбедносни сили им зададоа тежок удар за време на операциите со беспилотни летала, хеликоптери и авиони.
Тековната операција е започната на 5 февруари, а досега во кањоните на Мунзур, Пулумур, Мерзан, Али Богази и Ахпанос уништени се најмалку 67 терористички засолништа и пештери.
Во тие засолништа запленети се големи количества оружје, муниција, експлозивни направи, како и поголеми количества лекови и други потрепштини што ги користеле терористите. Турските сили најавија продолжување на операциите кои им влеваат страв на непријателите, а осигуруваат безбедност на пријателите.