Ömer Tuğrul Çam,Ata Ufuk Şeker
25 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
БРИСЕЛ (АА) - На Самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ), шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ побараа од Европската комисија, без одлагање да го претстави официјалниот предлог во врска со финансирањето на Сиријците во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека Самитот на ЕУ траеше, по самото завршување на преговорите за Турција, дел од Декларацијата за таа земја е споделен со јавноста.
- Дискусија за ситуацијата во Источен Медитеран -
Во Декларацијата се свртува вниманието на фактот дека Европскиот совет повторно дискутирал за ситуацијата во Источен Медитеран и односите меѓу Европската Унија и Турција.
Нагласено е дека безбедното и стабилно опкружување во Источен Медитеран, како и корисните односи со Турција со кои се продлабочува соработката, се од стратешко значење за ЕУ.
Во Декларацијата посебно е поздравено намалувањето на тензиите во Источниот Медитеран и нагласено е дека така треба да остане и во иднина.
- ЕУ подготвена постепено да ја продлабочува соработката со Турција -
Истакнувајќи дека ЕУ е подготвена постепено да ја продлабочува соработката со Турција во многу подрачја од заеднички интереси, во Декларацијата се наведува дека челниците на ЕУ означиле почеток на техничките активности, со цел ажурирање на Царинската унија меѓу ЕУ и Турција.
Во Декларацијата е наведено дека овластувањето за ажурирање на Царинската унија, би можело да биде прифатено со дополнителни упатства на Европскиот совет и дека е нагласено дека проблемите кои се појавиле во спроведувањето на постоечката Царинска унија треба да се отстранат и да се применат ефикасно за сите земји членки на ЕУ.
Порачано е дека лидерите на ЕУ ги означиле подготовките за дијалог на високо ниво со Турција за прашањата од заеднички интерес, како миграциите, здравството, климата, борбата против тероризмот и регионалните прашања.
- Предлог за продолжување на финансирање на сириските бегалци -
Шефовите на државите и владите на членките на ЕУ побараа од Европската комисија без одложување да го претстави официјалниот предлог за продолжување на финансирањето на сириските бегалци и заедниците домаќини во Турција, Јордан, Либан и други делови на тамошниот регион.
- Решавање на кипарското прашање -
Во Декларацијата е свртено вниманието на тезата на ЕУ дека решавањето на кипарското прашање може да се постигне според моделот на федерација составена од две заедници и два региони, засновани на политичка еднаквост, и дека е упатен апел за спроведување на резолуциите на Советот на безбедност на ОН.
Европскиот совет изрази жалење што разговорите за прашањето на Кипар во Женева, Швајцарија, не довеле до почеток на службени преговори, напоменувајќи дека ЕУ и понатаму ќе игра активна улога во пружањето поддршка на тој процес.
Во Декларацијата уште стои дека случувањата во врска со владеењето на правото и темелните човекови права во Турција се причина за загриженост.
Истакнато е дека како цел се нашле политички партии, активисти за човекови права и медиуми, што довело до назадување на демократијата, владеењето на правото и правата на жените.
„Европскиот совет очекува, со цел јакнење на регионалниот мир и стабилност Турција и сите актери да пружат позитивен придонес во решавањето на регионалните кризи во согласност со заедничките интереси на Турција и ЕУ“, се наведува во Декларацијата.