Andaç Hongur
24 Април 2021•Ажурирај: 24 Април 2021
ИСТАНБУЛ
Нè растажува кога гледаме дека страдањата на нашиот народ и страдањата на нашите предци, некои држави ги инструментализираат во секојдневни политички цели, рече Сахак Машалиан, поглаварот на Ерменската патријаршија во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Напнатоста предизвикана со употребата на ова прашање на дневниот ред на парламентите со децении не послужи за зближување на двете нации, туку напротив, предизвикува непријателски чувства и додатно го одложува мирот“, рече Машалиан, говорејќи за тврдењата за настаните од 1915 година.
Истакнувајќи дека пред сè мора да се зајакне пријателството и искреноста помеѓу турскиот и ерменскиот народ, Машалиан рече дека оценката на историските настани била далеку поконструктивна и задоволувачка под такви услови. Порача дека од третите земји очекува охрабрувачки придонес во овој правец.
Машалиан во разговор за АА рече дека и понатаму силно ќе ги презема потребните напори со цел јакнење на мирот и пријателството меѓу двата народи.
„Ние, токму како и нашите претходници и покојните патријарси, и понатаму ќе работиме за мирот, пријателството и доброто помеѓу Турците и Ерменците. Ќе поттикнуваме обнова на односите засновани на соседство и заеднички основи“, нагласи ерменскиот цариградски патријарх.
Порача дека Турција и Ерменија како соседни земји би требало да негуваат соживот и соработка со оглед на нивната географска положба и историските искуства.
„Ние тежнееме да бидеме од оние што се надеваат и очекуваат оживување на добрососедските односи, кои се единствени за овие простори, а постојат и во традицијата на двете заедници и помеѓу турските и ерменските власти“, рече Машалиан.
Ставот на Турција за настаните од 1915 година е дека страдањето на Ерменците во источна Анадолија се случило кога некои од нив застанале на страна на напаѓачите Руси и се побуниле против османлиските сили. Потоа, селидбата на Ерменците резултираше со бројни жртви.
Турција се противи на презентацијата на инцидентот како „геноцид“, опишувајќи го како трагедија во која двете страни претрпеле жртви.
Анкара повеќе пати предложи основање заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија, како и од меѓународни експерти што ќе се занимаваат со ова прашање.