Şerife Çetin
23 Април 2021•Ажурирај: 25 Април 2021
АНКАРА
- Шерифе ЧЕТИН
Некои странски експерти и историчари кои спроведуваат истражување за наводите на Ерменците за случувањата во 1915 година, наведуваат дека овие тврдења, наместо врз конкретни докази, се засноваат врз негирања и изобличувања.
Ирскиот историчар д-р Пат Волш во изјавата за Агенција Анадолија (АА) истакна дека за да се разберат настаните, широкиот историски контекст и развој потребно е да се разгледуваат заедно.
Волш истакна дека настаните од 1915 година се случиле во рамките на разорната светска војна и биле трагедија за сите страни.
Истакнувајќи дека на развојот на настаните треба да се гледа враќајќи се во 1914 година и почетоците на Првата светска војна, Волш потсети дека во времето кога Отоманската Империја се соочила со егзистенцијална криза како резултат на нападот на сојузничките сили, се побуниле ерменските револуционерни групи.
- „Нема никакви докази дека Османлиите имале план или намера да ги уништат Ерменците“
„Преместувањето на Ерменците е ситуација што се јавува како резултат на активностите што ги преземаат ерменските револуционерни групи за да ги постигнат своите политички цели. Нема никакви докази дека Османлиите имале некаков план или намера да ги уништат Ерменците“, рече д-р Волш.
Нагласувајќи дека нема никакви докази за таква намера или цел во османлиската литература, Волш го рече следното: „Примарна должност на секоја држава е да осигура јавна безбедност на своите граѓани. Несомнено е дека секоја држава која е под закана од инвазија од сите четири страни, како што тоа е случај со Отоманската Империја, би дејствувала на сличен начин кога би се соочила со востание на својата територија.“
Волш посочи дека Велика Британија, САД, Франција и Русија, кои беа опишани како „цивилизирани држави“ во тој период, користеа слични тактики за сузбивање на бунтовите, при што тие тоа не го правеле за да ја заштитат својата држава, туку за да ја прошират сферата на своето влијание.
Посочувајќи дека одлуката на османлиската власт за преместување се случила во воени услови, Волш предупреди: „Историчарите не треба да ги изобличуваат и поедноставуваат сложените настани, игнорирајќи го општиот историски контекст на Првата светска војна во 1914 година.“
- „Турските и ерменските академици треба да работат заедно“
Доц. д-р Кристофер Ган од Универзитетот „Крајбрежна Каролина“ во САД, кој има трудови за прашањето за ерменскиот тероризам, изјави дека со цел да се спречи насилството и во иднина и да се обединат различните дискурси развиени од 1915 година досега, Турците и Ерменците треба да постигнат консензус за нивното минато.
„Помирување може да се постигне кога турските и ерменските академици, обучени на потребните јазици, со објективен пристап ќе работат заедно со сите примарни извори, како што се архиви и сеќавања“, рече Ган.
- „Обвинувањата за геноцид се засновани врз негирањето на основните факти или на нивните адаптации“
Францускиот историчар д-р Максим Гоен, истражувач на Центарот за евроазиски студии, го даде следниот коментар: „Обвинувањата за геноцид се засноваат врз негирање, адаптации и негирања на основните факти, како што се Андонските документи или книгата на Мевланзаде Рифат.“
Д-р Гоен истакна дека во споменатите тврдења се игнорираат основните факти, како што е податокот дека Османлиите од депортација ослободиле приближно 500.000 Ерменци, потоа државните наредби со кои се забрануваат насилството и осудата, како и судењето на 1.387 муслимани, за кои се верувало дека извршиле злосторства врз Ерменците во периодот од октомври 1915 година до јануари 1917 година.
- „Наводите немаат правна основа“
Д-р Гоен, истакнувајќи дека „нема никаква законска основа за наводите за геноцид“, рече дека тоа е главната причина поради која Ерменците националисти ги изгубија своите случаи пред Уставниот совет на Франција (2012, 2016, 2017) и Европскиот суд за човекови права (2013, 2015, 2017) и оваа година во Уставниот суд на Белгија.
Гоен, посочувајќи дека многу книги и статии што ги побиваат ерменските тврдења биле објавени во реномирани издавачки куќи и списанија, рече дека, сепак, нивниот број е недоволен, особено во западните земји како Франција и Германија. „Западните академици имаат одредена одговорност во овие рамки, но поголемиот дел од нив не покажуваат храброст експлицитно да ја откријат вистината“, рече Гоен.
Посочувајќи дека и Турците што живеат во западните земји треба да вложат поголеми напори, Гоен го даде следниот коментар: „Друго важно прашање е што ерменските националисти, на земјите што имаат несогласувања со Анкара им се нудат како алатка за да ѝ наштетат на Турција.“
Гоен посочи дека еден од најјасните примери за тоа е Германија, која ги негира обвинувањата за „геноцид“, бидејќи претходната година немаше меѓународна судска одлука, а во 2016 година го усвои Предлог-законот со кој настаните од 1915 година беа опишани како геноцид.