Gözde Bayar
16 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
ДИЈАРБАКИР (АА) - Уште една мајка се придружи денеска на протестот кој се одржува против терористичката организација ЈПГ/ПКК во Дијарбакир, југоисточна Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
На протестите кои влегоа во 196. ден, а кои се одржуваат пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП) во Дијарбакир, се придружи уште една мајка по име Хедије Курт.
Таа тврди дека нејзиниот син Бајрам бил прелажан и киднапиран од страна на терористичката организација во Истанбул, каде што се школувал пред пет години, кога имал 21 година.
„Секојпат кога ќе заѕвони ѕвончето, трчам накај вратата со помисла дека мојот син се вратил“, изјави таа, додавајќи дека нејзините врати се секогаш отворени за него.
Уште една мајка по име Сухејла Демир тврди дека нејзината ќерка била киднапирана од страна на терористите пред пет години во источната турска област Агри.
Демир рече дека ќе продолжи да протестира сѐ додека нејзината ќерка Хајал не се врати дома.
Таа со нејзината помала ќерка, ја очекува Хајал да се врати.
„Наместо да држи молив в раце, на Хајал ѝ дадоа тешки пушки“, изјави таа, додавајќи дека им недостасува многу.
Бројот на семејствата кои протестираат пред седиштето на ХДП, партијата која се обвинува дека е поврзана со терористичката организација ЈПГ/ПКК, во текот на изминатите месеци се зголеми.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија, одговорна е за смртта на 40.000 луѓе, меѓу кои деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.