Orhan Yoldaş
16 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
МАЛАТЈА (АА) – ОРХАН ЈОЛДАШ –
Малатја, која е град домаќин на 8 милиони дрвја од кајсии, од вкупно 17 милиони во Турција, се претвори во цветно поле, откако расцутија белите цветови на кајсиите.
Во Малатја, од каде што се реализира 85 проценти од светскиот извоз на суви кајсии, со расцутувањето на кајсиите во регионите со ниска надморска височина како што се Кале, Доганјол, Баталгази, Јешилјурт, Акчадаг, Јазихан и Арапгир, градините станаа бели.
Земјоделците, пред да започнат дождовите, побрзаа да ги испрскаат кајсиите за да се спречат штетниците и болестите.
Од една страна, производителите со надеж ја гледаат новата сезона на бербата, а од друга страна се загрижени од тоа да не се појави земјоделски мраз.

Речиси 100.000 тони, или поточно, 99.666 тони суви кајсии, кои се произведени минатата година во градот, беа извезени во 110 земји, а во националната економија се внесени 253 милиони 500 илјади долари.
Ахмет Озџан (75), кој одгледува кајсии на земјоделското земјиште во населбата Булутлу, областа Баталгази, рече дека освен со земјоделството, досега не се занимавал со ништо друго.
Озџан рече дека неговиот главен извор за егзистенција се кајсиите.
„Кајсиите расцутија навреме. Минатите години расцутија во февруари и 50 проценти од нив се оштетија. Оваа година цветовите се многу добри. Само Господ да не даде некоја катастрофа, месецот поминува одлично. Минатата година имавме многу добра продажба, приходот беше одличен“, рече Озџан.
Раскажа дека пред новата сезона на бербата започнале со прскање на кајсиите против болести и штетници.
„Сега ги прскаме со лек за цветовите, потоа откако ќе почне да расте плодот ќе прскаме со друг лек. Во моментот цветовите се одлични, но има ризик од појава на земјоделски мраз и тие да бидат оштетени. Ние направивме сѐ што е во нашите можности, понатаму оставаме на Господ“, вели Озџан.
- „Опасноста од појавата на земјоделски мраз продолжува до 10 април“
Јашар Караташ, кој работи како земјоделец во областа Каратепе, рече дека земјоделството е тешка професија, но дека тие тоа го работат со љубов.
Изјавувајќи дека станувале во 5.00 часот за да ги прскаат дрвјата пред да започнат дождовите, Караташ рече:
„Досега испрскавме 1.200 дрвја, на сите земјоделци Господ да им овозможи добра добивка. Ние лекот за цвеќињата го фрламе пред да започнат дождовите, за лекот да не навлезе во цветот. Метеорологијата предупредува дека во наредните денови може да има земјоделски мраз. Тој претставува опасност за цветовите. Нѐ чекаат големи опасности. До 10 април продолжува опасноста од земјоделски мраз.“
Караташ исто така додаде дека оваа година цената на сувите кајсии во однос на претходните години е добра и дека се задоволни од неа.