Okan Coşkun
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
МАЛАТЈА (АА) - ОКАН ЏОШКУН -
Музејот на радија и грамофони во турскиот град Малатја станува сè поатрактивна туристичка дестинација, која нуди носталгично враќање во минатото кога тие уреди беа единствен прозорец кон светот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Зградата на Музејот е изградена во 2018 година во центарот на овој анадолиски град, а екстериерот и ентериерот на двокатниот објект во потполност се адаптирани за да дадат што подобар приказ на ерата низ која радиото и грамофонските уреди настанувале, еволуирале и во модерната ера станале споменици на минатото време.
Музејот е добра база за истражувачите и младите кои сакаат да дознаат повеќе за уредите што ја одбележаа младоста на нивните родители и дедовци.
Експонатите се изложени во тематски оддели, а меѓу нив се и уредите од 1890 година.
Кустосот на Музејот, Ебубекир Јалниз, за АА изјави дека 703-те експонати хронолошки се наредени во приказната што остава силен впечаток кај посетителите.
„Интересот на луѓето е навистина голем. Имаме тука и некои од првите музички инструменти, грамофони, а повеќе од 95 отсто од изложените уреди се исправни и функционални.“
И радиоуредите што се користени за политички контакти или за време на војните го најдоа своето место на полиците на Музејот во Малатја, а Јалниз изјави дека тука се и примероците на првите радија и грамофони кои се рачно направени.

„Годишно нè посетуваат околу 60.000 луѓе и сите тие се задоволни и се наша најдобра реклама.“
Еден од посетителите на Музејот, Мутат Јилмаз, за АА изјави дека е импресиониран од особеностите на експонатите.
„Секој би требало да дојде и да го види сето ова. Амбиентот е единствен и ме врати во раното детство“, изјави Јилмаз.
И Орган Улудаг изјави дека посетата на Музејот го вратила во минатото и во приказните што ги слушал од неговиот дедо.
„Има многу стари грамофони и јасно е покажано колку технологијата напредуваше. Интересно е дека сите уреди се како нови, баш се добро сочувани“, изјави Улудаг.
Ебру Карааслан, пак, изјави дека таквите стари работи имаат посебна вредност бидејќи луѓето што ги правеле и користеле веќе не се меѓу живите.
„Секој експонат има своја вредност и некоја приказна. Среќна сум што имав можност да ги видам овие експонати и да ги слушам овие звуци од грамофонот“, изјави Карааслан.