СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ -
Драган Б. Костиќ е радио-водител и музички новинар кој има поминато повеќе од 15 илјади часа пред микрофонот на Македонското радио. Неговата емисија „Диско селектор“, која се емитуваше на радио 40 години, е најстарата музичка емисија во Европа, а емисијата „Заборави ако можеш“ го доживеа своето 4.461 издание.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) по повод Светскиот ден на радиото, 13. февруари, Костиќ зборува за радиото како широко застапен медиум во јавноста, неговата општествена улога, како и за својата богата кариера.
За да опстоите повеќе од четири децении како радио-водител со свои авторски емисии кои се слушани и кои оставаат печат во музичкото новинарство, потребно е да имате исклучително голема љубов кон ваквата професионална определба и да се обидете да понудите нешто различно, нешто што другите го немаат.
„Љубовта не се раѓа преку ноќ, треба да созрее, да расне и конечно претставува врв на една професионална определба. Во некои други времиња, кога радиото беше магија сместена во една кутија, уживав да ги слушам гласовите на луѓето кои од таа страна зборуваа, па на тој начин веројатно ме привлекуваше начинот на кој звукот стасува до мене, како дете. Подоцна, кога созреваш, тинејџерското време ти носи други интереси, кога музиката стана дел од моето секојдневие, кога слушав радио Луксембург како единствен звучен простор што е достапен на некакви други начини ме предизвикал да пробам и јас“, вели радио-водителот Костиќ говорејќи за љубовта кон радиото и за својата професија.
Тој открива и дека неговите сакале тој да биде машински инженер, но се одлучил за радио-водителството иако тогаш, за разлика од денес, било многу потешко да се добие медиумски простор и во општеството владееле сосема други вредности коишто денеска се помалку застапени.
„Јас се решив да бидам тоа. Одеше тешко. Одеше низ време кога повеќе од сега требало човек да се докаже во некои други закономерности, професионални, човечки, морални, кои владееле тогаш и се вреднувале за разлика од денес. Денеска ми се чини дека е многу лесно да бидеш она што тогаш јас сакав да бидам. Не знам колку може да се опстои со тоа, но јас сакав да докажам дека можам да бидам тоа, дека можам да го направам како добрите Да, дојдов на некакво ниво, ги слушам некои од моите стари радиски херои кои и ден-денес водат во Англија, и кога ќе ги слушнам, доволно сум доблесен да кажам уште се подобри од мене“.
По завршувањето на анганжманот во јавниот сервис Македонско радио, Костиќ не се двоумел дали и понатаму да продолжи да се занимава со она што најмногу го сака, со она, како што вели, што за него живот значи – радио-водителството. Костиќ објаснува дека откако увидел дека радиото почнува да замира, да ја губи својата основна фунција, одлучил со своите радиопроекти да биде иницијатор за некои други да преземат посеопфатни акции со цел да се сменат нештата.
„Помислив дека на еден многу интересен начин, тоа може да се направи. Како? Тоа е ако радиото го вратиш во секој сегмент на секојдневието и во државата", истакнува тој.
Затоа одлучил, на соодветен начин, неговата емисија да стаса и до другите радиостаници низ Македонија, со цел и локалните радио станици да добијат на значење. Во прилог на наведеното, Костиќ наведува дека емисијата „Кавервил“ ја слушаат од 30-50 илјади слушатели дневно.
За него, како личност од светот на радио-новинарството е важно емисиите да бидат слушани поради нивниот содржински квалитет, а не само заради музиката.
„Денеска обично луѓето велат слушам радио, но тоа не е целта, целта е ако радиото има повеќе интересни емисии. Ти ги слушаш заради емисиите, а не заради музиката, која денеска можеш да ја одбереш на кој било начин и можеш да направиш далеку подобар избор отколку што тоа може некој да го направи за тебе", истакнува Костиќ.
Според него, иако во јавноста сѐ повеќе постои перцепција дека радиото замира, сепак, радиото не може да исчезне од секојдневието на луѓето, но е убеден дека треба да се приспособува на новите времиња, во секоја смисла.
„Радиото не може да умре, не може ни телевизијата. Но се менуваат, се приспособуваат на нови времиња, на нови системи на информација, на еден нов тип на комуникација со јавноста. Секоја нова генерација се приспособува на сопствените примери на модерното, но класичното радио веројатно тешко може да замине од нашето секојдневие. Затоа што е најдобар и најбрз начин на информација. Радиото може веднаш, од која било локација да ја даде информацијата. Радиото во светот не е на истиот систем во којшто ние работиме, и на кој ние го прифаќаме. Таму врвните водители доживуваат длабока старост бидејќи генерации и генерации пренесуваат нешто што е вредно врз наредните и од таму и навиката да се слушаат добрите водители".
Искуството, според неговите зборови, придонесува за создавање поквалитетни нешта во кариерата, но истовремено и буди креативност.
„Годините не прават ништо во професијата, само таложат искуство и создаваат извонредна ареа на вредности", уверува Костиќ.
- Моите слушатели се од сите бои -
Информацијата, едукацијата и забавата се трите клучни постулати на еден медиум, па така и на радиото. Во својата работа, водителот кој го носи епитетот „енциклопедија во движење", вели дека секогаш настојувал споменатите три елементи да ги внесе во својата водителска работа.
„Секогаш сум се држел до тоа дека мојата основна страна е забавниот сегмент на нашето секојдневие. Дека информацијата, едукацијата и забавата постојат и во него, дека на луѓето можам да им помогнам многу повеќе зборувајќи за вчера, денес и евентално гледајќи кон утре на тој начин, одошто да се плеткам во нешто што би ја поделило државата на две или три бои. Моите пријатели и слушатели се од сите бои. Јас не можам да застанам ниту на една, ниту на друга страна. Јас сум тој кој го сакаат и овие и оние. Не сакам никој да ме мрази, а сакам да ги сакам сите", порачува Костиќ.
- „Заборави ако можеш" -
Воден од желбата да биде сочувано она што го работел во текот на својата професионална кариера, Костиќ, напишал две книги, за период кој смета дека вреди да биде забележан од аспект на музички план во светски рамки. Имено во 2014 година, во декември беше промовирана неговата книга „1981" од серијалот „Заборави ако можеш – Топ 40 хитови“.
„Напишав две книги. Имав идеја да направам, осумдесеттите години од минатата деценија кои се најмирни и најплодни, да ги преточам во книга. Да направам книга што друг не ја направил. Сите такви други книги јас ги имам, како музичка светска белетристика, и сум видел дека тоа не го прават другите. Или е многу тешко или едноставно. Луѓето мислат дека поедноставните нешта побргу стасуваат до јавноста. Јас сметав дека морам да оставам некаков постулат за некои други генерации кои ќе прочитаат за некого, ќе знаат нешто повеќе од другите“.
Во разговорот за АА, Драган Б. Костиќ открива дека подготвува и нова книга, која планира да биде објавена до 2019 година, со што би сакал да одбележи 45 години од својата кариера како радио-водител. „Мислам дека ќе биде забавно и за минатите, сегашните и за новите генерации", вели тој.
- Светот е свртен кон некакви минорни вредности -
Говорејќи за различните музички жанрови, се присетува на '75 година од минатиот век, кога во своите емисии коментирал греми.
„Јас бев првиот кој во ’75 година коментираше греми, за првпат во емисиите ‘Диско селектор’. Оттогаш коментирам греми. За првпат сега, на 59. Греми не најдов никаква инспирација за да ја коментирам. Но состојбата денес ми се чини дека е најлошата. И денес има фанстастична музика, но светот е свртен кон некакви минорни вредности, минливи, од денес за утре. Тоа не е мое поле на интерес. Постои многу добра музика во светот, но не за жал и онаа најкомерцијалната. Своевремено, под тој сегмент на комерцијална музика имаше многу квалитет. Денеска има сѐ помалку", истакнува Костиќ, изразувајќи уверување дека сепак нештата ќе се сменат кон позитивно.
„Нештата ќе се сменат. На секои 10 години во светот се појавувал некаков нов тренд што ја движел музиката. Денеска светот е во некаква 'баруштина' од која ќе мора да го извади некаква нова младост. Вадејќи го самиот свет од тоа, веројатно ќе ја извади музиката, што можеби ќе претставува поттик какви што биле од хипи движењето па до хаус, и сѐ она што се случувало со техно-звукот во последните петнаесетина години".
Меѓу другото, Костиќ во разговорот издвојува дека секоја личност треба и вреди да ги почитува сопствените постулати низ животот.
„Човек мора да ги почитува сопствените постулати. Животно мото, кредо. Живеј и не им пречи на другите да живеат. Не им се мешај и не дозволувај да ти се мешаат. Биди свој и биди нивен колку они сакаат да бидеш нивни, ама биди свој повеќе од они што сакаат да бидеш нивни. Верувам во некакви постулати, иако многумина од другите не прават така", смета Костиќ.
Долгогодишна кариера на радио-водител и музички новинар е проследена со бројни анегдоти од различни места и со различни луѓе, колеги, обични граѓани, слушатели до личности од јавниот живот. Вели дека му годи кога ќе го поздрават и ќе му речат: „Добар ден Петар Пан", објаснувајќи дека тоа всушност го симболизира неизраснатото дете, а секој од нас, вели, сака да биде дете, да се врати во најсигурното и луѓето ги потсетува на младоста.
Од соработката со колегите, се присетува на соработката со мајсторот на тон, Емин Унџел, кој веќе за жал, не е меѓу живите. Со него Костиќ работел низа години. За него вели дека освен што бил мајстор на својот занает, бил и личност што со своите различни шеги на луѓето околу себе им го разубавувал животот.
- Слушајте радио -
По повод Светскиот ден на радиото – 13. февруари, Драган Б. Костиќ порачува дека луѓето треба да слушаат радио, бидејќи радиото едуцира и забавува и сѐ уште е медиум со најмногу шарм.
„Слушајте радио. Јас се обидувам радиото да го вратам во секој дом, тоа ми е мотото на ‘Кавервил’. Радиото ќе ве научи на многу нешта. Слушајте го ‘Кавервил’ како емисија која сметам дека кога некој друг би ја правел, јас би ја слушал со задоволство. Учам, се едуцирам и секогаш се забавувам. Никогаш не знаете сѐ, секогаш има нешто што можете да дознаете. Моите емисии придонеле за едно зрно на мудрост или знаење повеќе, тоа ме држи и ме прави среќен и ме прави опстоен во оваа професија. Обидете се да бидете свои, и во професијата и во животот".
news_share_descriptionsubscription_contact
