Од воена тајна до музејски бисер: Радио од 1920 година ги фасцинира посетителите
- Музеј во турска Малатија го прикажува историскиот развој на технологијата со својата колекција на радиоапарати и грамофони од 1890 година до денес
МАЛАТИЈА (АА) - ОКАН ЏОШКУН - Радио од 1920 година, произведено во Франција, кое првично било телеграф, а подоцна пренаменето во радиоуред, изложено во Музејот на радио и грамофони во Малатија, Турција, ги поврзува посетителите со комуникациската технологија од минатото, пишува Анадолу.
Музејот, сместен во двокатна куќа од ќерпич изградена во 2018 година во согласност со градската архитектура, го прикажува историскиот развој на технологијата со својата колекција на радиоапарати и грамофони од 1890 година до денес.
Нудејќи носталгично и едукативно искуство, особено за децата и младите, во музејот се изложени вкупно 703 артефакти по хронолошки редослед, вклучително и материјали поврзани со развојот на ТРТ радио, Истанбулската безжична куќа, првото радиоемитување и разни тематски делови.
- Трансформација од телеграф во радио -
Меѓу највпечатливите уреди во музејот е радиото од 1920 година, произведено во Франција, претворено од телеграф во радиоуред.
Користено во воените и разузнавачките области во времето на неговото создавање, радиото сега им служи на посетителите што сакаат да го видат историскиот развој на радиото.
Ебубекир Јалниз, раководител на музеите во Општина Малатија, за новинарот на АА изјави дека артефактите во музејот се подредени хронолошки.
Јалниз рече дека радиото, претворено од телеграф, привлекува значително внимание кај посетителите:
„За разлика од денешните радиоапарати, тоа има ламби внатре. Тие служат и за безбедносна намена и за подобрување на квалитетот на звукот. Колку повеќе ламби, толку е подобар приемот. Овие уреди, генерално, се користеле за воени и разузнавачки цели. Во подоцнежните години ги користеле културни, уметнички институции и новински агенции. Тоа беше еден од првите комуникациски уреди што се користеле во 1920-тите години. Има антени. Жиците се од типот антени што ги нарекуваме 'шевронски' антени на покривите на куќите. Во подоцнежните години ги интегрирале на горниот дел, а потоа и навнатре за да продолжат со радиомитувањето.“
Посетителката Сумеје Карадаг изрази возбуда што има можност да ги види уредите стари еден век.
Наведувајќи дека е заинтересирана за комуникациските алатки, Карадаг рече:
„Бев многу изненадена кога видов радиоуреди од пред 100 години. Постојат толку големи уреди што транзицијата кон минималистичките радиоуреди што ги користиме денес е навистина голема промена. Додека ги разгледувам возбудена сум што имам можност да ги видам и фините детали и најпопуларните модели од минатото. Во исто време не можев да не се запрашам: 'На која ера биле сведоци, какви настани доживеале, какви вести се емитувале на овие радиоуреди и од кого?'“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
