Sertaç Bulur
10 Август 2021•Ажурирај: 11 Август 2021
АНКАРА (АА)
- Сертач БУЛУР
Во голема операција против ланец за криумчарење историски предмети, во Турција се приведени 76 од вкупно 92 осомничени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одделот од Управата на полицијата за борба против организираниот криминал и криумчарење и Уредот на Државното обвинителство на Турција во Адана започнаа опсежна операција со кодно име „Анадолу“, а станува збор за операција што се води против ланецот за меѓународно криумчарење предмети од историско значење.
Со двегодишната истрага е откриен ланец за криумчарење и дешифрирана е неговата раководна структура со контактите на меѓународен план. Истрагата утврди дека вредните историски артефакти се илегално изнесувани од Турција во САД и земјите на Европа.
Инспекторите од турското Министерство за култура и туризам пронајдоа 52 вредни историски предмети што биле прошверцувани од Турција и биле ставени во продажните каталози на девет европски и американски аукциски куќи.
Утврдено е дека овие предмети се продаваат со лажни документи за поседување и дека парите (речиси 26 милиони турски лири) се префрлени на банкарските сметки од членовите на шверцерската организација.
По завршувањето на истрагата и собирањето докази, турското Државно обвинителство во Адана издаде налози за апсење на вкупно 92 осомничени.
Постапувајќи по наредба на Обвинителството, надлежните полициски тимови иницираа акции за приведување во 30 турски области. Рано утрово беа извршени претреси на 108 адреси во 91 станбен и 17 деловни згради.
Досега се уапсени 76 осомничени, меѓу кои петмина колекционери. Акциите за приведување и понатаму траат, а запленети се поголеми количини предмети од историско значење.
Како дел од таа голема операција против каналот на шверцери на историски предмети во Турција, беше побарано замрзнување на имотот на седуммина осомничени, вклучително и на водачот на таа криминална група, кој беше приведен во хотел во областа Силифке во областа Мерсин.
Во исто време, за време на двегодишната истрага, вкупно беа запленети 4.122 дела од историско значење во четири наврати во Турција, Бугарија, Хрватска и Србија.