Halil Fidan
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
ШАНЛИУРФА (AA) - Халил Фидан -
Сиријците од Тел Абјад, кои поради тиранијата од припадниците на ЈПГ/ПКК, побараа засолниште во Турција, сонуваат за денот кога подрачјето од кое побегнаа, ќе биде ослободено од терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
Многу Сиријци кои побегнаа од Тел Абјад, кој припаѓа на Рака, живеат во бегалските кампови во подрачјето Акчакале, во турската област Шанлифура.
Среќни поради ослободувањето на Африн во операцијата „Маслинова гранка“, сонуваат за истиот резултат и во Тел Абјад. Доколку Тел Абјад биде ослободен од терористите, Сиријците велат дека набргу ќе се вратат дома.

Ејмен ел-Исави, еден од наставниците во бегалскиот камп, за Anadolu Agency (AA) изјави дека со оваа работа во Сирија се занимавал три години и дека поради присуството и притисокот на терористичката организација, бил принуден со семејството да го напушти Тел Абјад и да побегне во Турција.
Тој додаде дека се дочекани на најдобар можен начин и дека им е дадена можност да работат. И покрај тоа, желно исчекуваат враќање во своите домови.
Изјави дека внимателно ги следат случувањата за операцијата „Маслинова гранка“, поради која имаат поголема надеж за враќањето дома.
„Поради војната во Тел Абјад и насилството на терористичката организација ЈПГ/ПКК, побегнавме во Турција. Тука сум три години и имам работа. Во Сирија сведочевме на голема тиранија, но тука настојуваме да ги залечиме раните“, изјави Ел-Исави, кој е благодарен на Владата на Република Турција и на турскиот народ за сето она што го сториле за бегалците од Сирија.
Тој истакна дека припадниците на терористичката организација ЈПГ/ПКК сеат терор во Тел Абјад и во другите подрачја, дека им ја одзеле земјата на жителите. Сепак се надева на скорешно заминување на терористите.
„Поради операцијата „Маслинова гранка“, имаме повеќе надеж за враќање во татковината. Ние, како Сиријци во Турција, го исчекуваме денот кога таа терористичка организација ќе исчезне. Се надеваме дека Тел Абјад и другите места ќе бидат исчистени од терористите и дека овие луѓе ќе се вратат во своите домови. Во Турција сме мирни, и колку и да сме благодарни на официјалните лица, малку е, но сепак, сакаме нашиот град да се исчисти од терористите и да се вратиме во своите домови“, додаде тој.
Гусум Ферхан Ишмали изјави дека со семејството побегнала од Тел Абјад, а дека сега живеат во бегалски камп во Турција.
Таа рече дека се обиделе да се вратат во градот, но дека припадниците на организацијата тоа не им го дозволиле.
„Ни недостигаат домот и блиските, но не можеме да се вратиме, бидејќи се плашиме од терористите. Се надеваме дека теророт ќе заврши и дека ќе се вратиме мирно таму. Од Турција очекуваме, како што и претходно ни помагаше, да ја ослободи нашата татковина од терористите. Го сакаме тоа за да се вратиме во нашите домови“, истакна таа.
Таа потсети дека Тел Абјад е оддалечен само неколку километри од местото во кое се наоѓаат, но дека не можат да се вратат поради терористите.
„Како што се ослободени Африн, Џарабулус и другите места, така и ние сакаме ослободување на нашиот град од терористите. Постојано го молиме Бога за тоа. Се молиме да дојде до тоа што поскоро“, изјави Ишмали, додавајќи дека им е доста од копнежот по татковината.
Таа е бремена, а бебето сака да го роди во Сирија.