Cemal Aşan
18 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
ВАН (АА) - Во басенот на езерото Ван се евидентирани 213 видови птици, а овогодишните временски услови се поволни за размножување и исхрана.
Разновидните птици кои можат да се набљудуваат во еден од најголемите басени во Турција, на посетителите им даваат незаборавно искуство.

Подрачјето е особено интересно за орнитолозите, бидејќи имаат можност да ги изучуваат фламингата, лебедите, белоглавите патки, сабјарка, чапја, црна лиска и другите ретки видови птици.
Подрачјето на кое може да се набљудуваат овие птици се наоѓа на рутата на многу преселници. Секоја година се организираат различни фестивали со цел на пошироката јавност да ѝ се претстави ова подрачје.

Дирекцијата за заштита на природата и националните паркови на Турција ги презема потребните мерки, со цел птиците да бидат заштитени во своето живеалиште, да имаат доволно храна, но и да се размножуваат.
Атила Дурмуш, професор на Универзитетот „Јузунџу Јил“ во Ван, за Anadolu Agency (AA) изјави дека оваа година околу езерото Ерчек има пораст на бројот на птици, без разлика дали станува збор за птиците преселници или останатите.
Оваа година регистрираното количество на врнежи е повисоко од очекуваното, што создава поповолни услови за птиците.

„Неодамна со нашите студенти имавме истражувања кои се дел од наставата. Оваа година има поголемо количество на врнежи, поради што растителната покривка е поразновидна, а поголемо е и количеството на слатката вода. Поради тоа, бројот на видовите птици и нивната популација беше добар“, објасни Дурмуш.

Тој нагласи дека секоја година во подрачјето на Ерчек има сè помалку неповолни фактори за птиците.
Истакна дека и локалното население, но и туристите придаваат поголемо внимание со цел заштита на птиците, што, според него, треба да придонесе за пораст на бројот на птици.