Barış Kılıç,Cankut Taşdan
07 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
АНКАРА
Државното обвинителство на Република Турција утрово издаде налог за приведување на најмалку осум осомничени лица за членување во терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (AA).
Обвинителството во Анкара наведува дека се работи за лица кои се товарат дека со крадење на приемните испити овозможувале инфилтрирање на терористите на ФЕТО во полициските структури на Турција и нивно напредување во рамките на истите структури.
Налогот е издаден врз база на спроведената истрага за кражба на испитните прашања од приемниот испит во полициската служба од 2009 година, односно за прашањата за испитите што морале да ги положат за да напредуваат во службата. Тие се товарат за фалсификување документи, „измама“ и членување во вооружена терористичка организација.
Наведено е дека петмина од осумтемина осомничени веќе се лишени од слобода и дека по преостанатите тројца сè уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.