Halil Demir
22 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 15 лица се приведени во Турција поради сомнеж дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар во Турција во 2016 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Републичкото обвинителство на Турција спроведува истрага во три турски области со која се опфатени вработените на безбедносна компанија, а кои ја основале поранешните раководители на холдингот „Кајнак“, кој се сметаше за финансиски центар на терористичката организација ФЕТО.
Во рамките на истрагата е издаден налог за приведување на 16 лица, меѓу кои во утринските претреси 15 се веќе приведени, а по едно лице се трага. Претресите се вршат во Истанбул, Бурса и Газиантеп.
За време на претресот се запленети значајни количества документи и дигитален материјал.
Со истрагата е утврдено дека споменатите лица биле во контакт со високорангирани имиња на терористичката организација ФЕТО.
Со одлуката на Обвинителството во Истанбул од ноември 2015 година, во холдингот „Кајнак“ е испратен стечаен управник. Холдингот во своја сопственост имал 19 претпријатија и една фондација.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.