Admir Fazlagic
26 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
СКОПЈЕ
Еден од глобалните лидери на безбедниот туризам, Турција, е подготвена за летната сезона 2021 година со засилени безбедносни мерки, соопшти Амбасадата на Турција во Скопје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сертификатот за безбеден туризам, кој беше лансиран во јуни 2020 година и кој имаше за цел да потврди дека сите места со кои стапуваат во контакт туристите, вклучувајќи ги аеродромите, сместувачките капацитети, рестораните, кафулињата, културните, уметничките и конгресните објекти, објектите за морски туризам и возилата, како и тематските паркови, се безбедни, беше доделен на повеќе од 9.800 бизниси во втората година од неговото лансирање“, се наведува во соопштението.
Се додава дека почнувајќи од 2021 година, Турција го направи овој сертификат задолжителен за сите сместувачки капацитети со капацитет од 30 и повеќе кревети. Турција исто така им даде приоритет на туристичките работници во рамки на националната програма за вакцинација и е подготвена за летната сезона со високи безбедносни стандарди.
Министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, говореше за подготовките за летната сезона 2021 година на настанот на кој присуствуваа амбасадорите на странските мисии во Турција од 21 до 23 мај.
„Во 2020 година, пречекавме 16 милиони туристи во нашата земја. Безбедноста на туризмот беше наш најголем приоритет во текот на минатата година со програмата за сертификација, која стана една од најдобрите практики во светот. Со безбедните, ефективни и дисциплинирани практики и мерки што ги спроведовме, нашата програма за сертификација стана една од најуспешните имплементации во светот и имавме успешна сезона. Прво, ја направивме задолжителна сертификацијата за сместувачките капацитети со 30 и повеќе кревети, а потоа ја зголемивме фреквенцијата на инспекциите за да се осигури дека овластените бизниси ги почитуваат правилата. Во рамки на националната програма за вакцинација, досега повеќе од 27 милиони турски граѓани се вакцинирани. Програмата за вакцинација, во чии рамки даваме приоритет на туристичките работници, ќе продолжи да се забрзува во јуни“, изјави министерот Ерсој.
„Турција беше водечка земја во безбедниот туризам минатата година. 2021 година ќе биде година на зголемена безбедност. Ние сме подготвени за летната сезона 2021 година со повеќе од 10.000 туристички капацитети низ цела Турција“, се додава во соопштението.
Амбасадорите ги видоа мерките на самото место. Министерството за култура и туризам на Република Турција и Агенцијата за унапредување и развој на туризмот во Турција (ТГА) беа домаќини на амбасадорите на настанот наречен „Безбеден туризам“ што се одржа во Анталија.
Исто така, турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, изјави дека Министерството има за цел да им овозможи на сите претставници на странските мисии во Турција да ги доживеат директно преземените мерки во Турција.