Турција приведе шест лица осомничени за шпионажа во корист на Иран
- Властите наведоа дека групата спроведувала извидување и надзор околу базата Инџирлик, била вмешана во шверц на беспилотни летала преку Турција со намена за употреба во трети земји
ИСТАНБУЛ (АА) – Турските власти приведоа шест лица, еден државјанин на Иран и пет турски државјани, во операција спроведена во пет провинции, под сомнение за политичка и воена шпионажа во корист на иранската разузнавачка служба, соопштија официјални извори, јавува Анадолу.
Координираната операција беше реализирана под раководство на Јавното обвинителство во Истанбул, во соработка со Одделот за борба против тероризмот при Истанбулската полиција и Националната разузнавачка организација (МИТ).
Според истрагата, осомничените биле во директен контакт со разузнавачки службеници на Иранската револуционерна гарда (ИРГК), се наведува во предметот.
Надлежните органи утврдиле дека групата собирала чувствителни информации за турски воени објекти, меѓу кои и стратешки важната воздухопловна база Инџирлик во јужната провинција Адана, како и за други објекти од висок безбедносен интерес во Турција и во трети земји. Осомничените, исто така, се товарат дека обезбедувале логистичка поддршка за овие активности.
Властите наведоа дека групата спроведувала извидување и надзор околу базата Инџирлик, била вмешана во шверц на беспилотни летала преку Турција со намена за употреба во трети земји, како и дека собраните разузнавачки податоци директно ги пренесувала до своите контакти во ИРГК.
Синхронизирани полициски акции беа изведени во Истанбул, Ван, Самсун, Јалова и Анкара, при што беа приведени сите осомничени.
По завршување на процедурите во покраинските дирекции за безбедност, осомничените беа изведени пред суд и им беше одреден притвор под обвинение за политичка и воена шпионажа, соопштија официјални лица.
