Yusuf Şahbaz
16 Март 2021•Ажурирај: 17 Март 2021
ИЗМИР (АА) - Студиите за вакцинација ја зголемија надежта за туризмот, кој е еден од секторите што се најмногу погодени од епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), пишува Агенција Анадолија (АА).
Во секторот на туризмот, кој минатата година со сертификацијата за безбеден туризам успешно го мина тестот во однос на епидемијата, по сигналите од Русија почнаа да доаѓаат позитивни сигнали и од европскиот пазар.
Додека германските туристи се на врвот со раното резервирање во Турција за претстојната сезона, пазарот во Велика Британија доби на интензитет.
Со затоплувањето на времето и зголемувањето на активностите за вакцинација, се очекува резервациите да станат поинтензивни.
- „Има сериозно зголемување на резервациите“ -
Мехмет Ишлер, потпретседателот на Туристичката федерација на хотелиери во Турција (TÜROFED), за Агенција Анадолија (АА) изјави дека 2020 година и покрај епидемијата била добра година, иако не го достигнале очекуваното ниво на бројот на туристи.
Ишлер, кој во исто време е и претседател на Здружението на туристички претпријатија и сместувачки капацитети на егејскиот брег (ETİK), изјави дека секторот преживеал во периодот на Ковид-19 благодарение на навремено преземените чекори и поддршката.
Тој посочи дека Турција во однос на Шпанија и Грција многу подобро управувала со периодот на епидемијата, и дека благодарение на тоа, придобивките ќе продолжат и оваа година.
Истакнувајќи дека според извештајот што го објави еден шпански магазин за туризам и патувања, на германскиот пазар Турција е лидер во резервациите за патувања, со учество од околу 24%, Ишлер додаде: „Постојат сериозни побарувања за Турција. Најголема причина за тоа е што како Турција добро управуваме со процесот на коронавирусот и сертификатот за безбеден туризам. Раните резервации од Европа за новата сезона ја израдуваа туристичката индустрија, која не можеше да го постигне она што го очекуваше во 2020 година, поради епидемијата.“
Изјавувајќи дека вакцинацијата на луѓето им влеала доверба и сега подобро разбираат како да се борат против вирусот, Ишлер изјави дека е очигледно дека оваа година ќе дојдат повеќе туристи.
Тој рече дека турското Министерството за култура и туризам и Агенцијата за развој на туризмот вложуваат голем труд.
„Многу луѓе во Европа беа заклучени во своите домови. Сакаат конечно да го видат сонцето. Благодарение на самодовербата што им ја дава вакцината, луѓето се желни за одмор. Русија соопшти дека не е донесена забрана за летови кон Турција. Очекуваме сериозен раст на побарувачката од пазарот во Велика Британија кон средината на мај. Предвидуваме дека потоа ќе продолжи побарувачката од европскиот пазар. Особено многу сериозно зголемување на резервациите има од Европа.“
Наведувајќи дека посакуваат бројка од 30 милиони туристи до крајот на годината, Ишлер рече дека секторот се радува на позитивните вести што доаѓаат со секој изминат ден.
Посочи дека како сектор продолжуваат со подготовките за новата сезона. „Оваа година ќе биде многу подобра од 2020 година. Мислиме дека лошите денови останаа зад нас.“