İlker Girit
07 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот Кајнак денес изјави дека речиси 79.000 сириски деца се едуцираат во бегалските центри во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Вејси Кајнак во разговор за АА во Анкара, ги објави последните официјални податоци во врска со условите на бегалците.
Турција е домаќин на најголем број сириски бегалци, и досега има потрошено над 20 до 25 милијарди долари за грижа за нив, вели турскиот премиер Бинали Јилдирим.
Кајнак изјави дека повеќе од 13.600 учители (12.630 од арапските земји, остатокот се Турци) едуцираат 78.824 сириски деца и тинејџери во градинки, основни и средни училишта во привремените бегалски центри.
Во училиштата се следи настава по математика, науки, општествени науки, компјутери, како и курсеви по турски, англиски и арапски јазик, рече Кајнак.
Тој нагласи дека околу 133.400 сириски студенти се образуваат во државните училишта под надлежност на Министерството за образование на Турција.
Кајнак исто така изјави дека Турција отворила над 2.000 курсеви за професионална обука за возрасните бегалци, при што досега 222.900 лица зедоа дипломи за фризери, шијачи, ткајачи, за ракотворби, компјутери и јазици.
„Накратко, во центрите во привремените засолништа, услугите за едукација, здравство, безбедносни и религиозни услуги се достапни 24 часа дневно, секој ден во неделата“, додаде тој.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Според статистиката на ОН, од почетокот на војната загинаа над 250.000 луѓе, а над 10 милиони се раселени низ целата земја.